Украинскиот претседател Владимир Зеленски тврди дека бродовите на украинската морнарица, кои Русија ги врати на неговата земја оваа недела, им недостига опрема.

– Киев ќе бара да се врати опремата – додаде Зеленски.

Пречекувајќи ги бродовите во украинкото пристаниште Очаков, Зеленски, како што наведува украинската агенција „Укринформ“, рекол дека недостига дел од опремата на бродовите, пренесе ТАС.

– Адмиралот и јас разговаравме и некои работи не можат да бидат објавени, но дел од вооружувањето недостига. Забележав каква е состојбата и ќе биде спроведена истрага. Дефинитивно ќе контактираме со руската страна, за да и врати се што беше таму – рекол Зеленски.

Тој додал дека бродовите ќе продолжат да ја извршуваат својата функција по поправките, кои би требало да траат околу три месеци.

Русија на 18 ноември ѝ врати три бродови на Украина, запленети за време на инцидентот во Керчанскиот Теснец.