Плановите на гигантот „Росњефт“ за серија нафтени полиња на Арктикот, се во согласност со амбициите на рускиот претседател Владимир Путин за развој на арктичките полиња со нафта и гас и во соседните региони, како и на т.н. Северноморска маршрута, која се протега низ руските арктички води од Европа па до Далечниот Исток

Рускиот енергетски гигант „Росњефт“ планира да развие серија нафтени полиња на Арктикот во наредните пет години. Плановите на „Росњефт“, на чие чело стои блискиот соработник на Владимир Путин, Игор Сечин, се во согласност со амбициите на рускиот претседател за развој на арктичките полиња со нафта и гас и во соседните региони, како и на т.н. Северноморска маршрута, која се протега низ руските арктички води од Европа па до Далечниот Исток. Рускиот нафтен развој на Арктикот беше запрен во изминатите години поради западните санкции, кои ги принудија меѓународните гиганти, како „Ексон мобил“, да се повлечат истражувачките проекти во Русија, пренесува РТ.

За „Росњефт“, ако се поврзе со копнените нафтени полиња во северна Русија, Северноморската маршрута може да обезбеди уште една извозна линија за руската нафта, особено до пазарите во Азија. Во текот на средбата помеѓу Путин и Сечин, шефот на „Росњефт“ истакна дека нафтениот гигант ја разгледува можноста за создавање арктичко јадро што целосно ќе се фокусира на зголемување на товарниот сообраќај во Северноморската маршрута на 80 милиони тони до 2024 година.
– На пример, го имаме проектот „Јермак“, кој заедно го почнавме со БП, како и ветувачката област Западно-Ергински. Втората фаза од развојот, ако се потврдат потенцијалите на резервите, би можела да ги вклучува и резервите во Источен Тајмир во областа Катанга. Големи западни и југоисточно азиски инвеститори покажаа интерес во т.н. Арктичко јадро, што сигурно ќе создаде услови за забрзан развој на ресурси, како и значаен развој на соодветните индустрии – наведе Сечин на средбата со претседателот Путин.

Според него, за развојот на нафтените ресурси на Арктикот е потребна инвестициско-пријателска атмосфера, која ќе биде клучна за почнувањето такви проекти, како и регулаторски услови и оданочување што нема да се променат во текот на животниот век на овие проекти, без разлика дали станува збор за 30 или 50 години.

Сечин укажа на уште еден важен момент во однос на Северноморската маршрута, која мора да биде економски исплатлива и одржлива доколку треба да ги исполни амбициите на Путин за развој на арктичките региони и ресурси.

– Ако се земе предвид достапноста на алтернативните логистички опции, Северноморската маршрута треба да биде економски одржлива за проектите исто како алтернативните маршрути – заклучи Сечин.

На крајот од февруари годинава, рускиот дневен бизнис весник „Комерсант“ објави дека „Росњефт“ донел одлука значително да придонесе во зголемувањето на товарниот сообраќај во Северноморската маршрута, преку пренасочување на нафтата од новите полиња во Ванкор преку 600-километарски нафтовод до брегот во Тајмир. Рускиот министер за енергија Александар Новак минатата недела укажа на големиот развоен потенцијал на руските проекти на Арктикот.

– Арктичките проекти имаат голем потенцијал за развој на рускиот енергетски сектор – порача Новак.

Останува допрва да се види дали руските најголеми компании сами можат да го развијат Арктикот, ако Русија може да привлече странски инвестиции во своите амбициозни и проекти и ако Северноморската маршрута може да стане исплатлива економско-конкурентска маршрута за товарниот сообраќај.

[email protected]