Руската амбасада во Вашингтон објави во пост на Твитер дека американските војници немаат законски мандат да останат во Сирија реагирајќи на твитот на официјалниот армиски портпарол за американската операција „Инхерент ризолв“, Вејн Марото, дека силите на САД во Североисточна Сирија се испратени во согласност со меѓународното право, укажувајќи на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН усвоена во декември 2015 година, пренесува „Фокус Вашингтон“.

Амбасадата го повика Марото темелно да ја прочита Резолуцијата 2254 на ОН, затоа што неговото толкување на документот е смешно.

Дамаск, исто така, го смета американското воено присуство во Сирија како окупација со оглед на фактот дека американските трупи влегоа во земјата без покана од владата на Башар ал Асад

Неколку стотици американски војници се сѐ уште во Сирија во согласност со планот на Трамп од 2019 година да обезбеди контрола на нафтените полиња во источните и североисточните делови на земјата.

Тие се сместени во четири бази во провинцијата Деир ез-Зор, во близина на нафтените полиња, и уште пет во соседниот регион Ал-Хасака. Поголемиот дел од територијата на тие две провинции, заедно со Рака, се под контрола на Курдските сириски демократски сили поддржани од САД.