Рускиот претседател Владимир Путин неделава ги потпиша законите со кои се изрекуваат казни за кршење на контроверзниот закон за „странски агенти“, како и други закони поврзани со протести, како што се финансирање митинзи и непочитување на законот.
Како што јавува РСЕ, според законите потпишани од Путин на 24 февруари, објавувањето информации за таканаречените „странски агенти“ и нивните материјали без назначување на нивниот статус може да резултира со казни до 2.500 рубли (34 американски долари) за физички лица и до 500.000 рубли (6.720 американски долари) за правни лица.
Новиот закон наметнува и административна одговорност за објавување такви информации во масовните медиуми и се однесува и на правните лица на „странски агенти“ и на физички лица и на граѓански здруженија на „странски агенти“.
Инаку руското законодавство за „странски агенти“ беше усвоено во 2012 година и беше модифицирано неколкупати. Последователните измени и дополнувања на законот беа насочени кон медиуми финансирани од странство во земјата.
Другите закони потпишани од рускиот претседател, меѓу другото, предвидуваат и казни за лица и организации прогласени за виновни за незаконско финансирање собири.