Недела е последен ден за гласање на Русите на тридневните парламентарни избори во земјата.

Околу 110 милиони луѓе имаат право да гласаат за новата Државна дума, која брои 450 пратеници.

Според анализите на руските медиуми победата на „Единствена Русија“, владејачката партија која го поддржува претседателот Владимир Путин веќе две децении, се смета за однапред одредена.

Гласањето се одржува три дена, одлука за која властите велат дека е донесена за да се ограничи ширењето на коронавирусот, но опозицијата вели дека тоа ги зголемува шансите за измама.

Обвиненијата за принуда, распространети нерегуларности и измама ги нарушија првите два дена од гласањето.

Во недела, последните избирачки места ќе бидат затворени во 20 часот во Калининград.

Луѓето можат да гласаат и преку Интернет. Резултатите од електронското гласање се очекува да бидат достапни релативно наскоро по затворањето на избирачките места. Путин гласаше по електронски пат.

Додека „Единствена Русија“ се обидува да го одбрани своето огромно мнозинство, Комунистичката партија се надева дека ќе добие гласови поради зголеменото незадоволство од политиките на Кремљ, оценуваат тамошните медиуми.