На северот од Русија пред неколку дена бил уапсен 51-годишник, чиј идентитет засега не се објавува, поради канибализам и повеќекратни убиства, откако полицијата со него поврзала три идентификувани делумно изедени човечки жртви, како и остатоци од мачки, кучиња и помали животни.

Мажот е осомничен дека ги изел животните, како и тројца мажи со кои се дружел и пиел алкохол. Кога жртвите заспале, тој наводно ги убил со нож, а потоа ги изел, пренесе Би-би-си.
Нивните коски биле пронајдени во вреќи оставени во езеро и река во близина на градот Архангелск.

На 29 октомври рускиот истражен комитет (СК) издаде изјава за осомничениот и објави видео од неговото апсење. Во соопштението се вели дека обвинетиот бил ментално здрав, но веќе имал една кривична пријава.

Убиствата, наводно, се случиле во 2016 и 2017 година, но истражителите дури неодамна ги идентификуваа жртвите бидејќи за тоа било потребно форензичко тестирање. Двајца од мажите немале поблиски роднини, додека третиот се преселил во нов град во потрага по работа.

СК изјави дека покрај канибализам, обвинетиот редовно убивал и јадел мачки, кучиња, птици и други мали животни чии коски биле пронајдени во вреќи, измешани заедно со човечки коски.