Иранскиот претседател Хасан Рохани рече на настан во Техеран дека земјата е подготвена да „ѝ даде шанса на дипломатијата“ откако неговиот министер за надворешни работи Мохамед Зариф го посети самитот Г7 во Бијариц, Франција за да разговара за спасувањето на нуклеарниот договор од 2015 година.

Рохани рече дека иако Иран е подготвен да продолжи да ја развива својата нуклеарна програма како одговор на повторното воведување санкции од страна на САД, земјата ќе го прави тоа полека „за да ѝ даде шанса на дипломатијата“.

-Мора да си ја завршиме работата и да преземеме акции. Дури и ако шансите за успех не се 90%, туку 20 или 10%, мора да продолжиме со тоа. Не смееме да пропуштаме можности, рече Рохани.

Неговите коментари следуваа по посетата на Зариф на Париз, а подоцна и Бијариц, каде што одржа разговори со францускиот претседател Емануел Макрон. Зариф ги опиша дискусиите како „конструктивни“.

Минатата недела Зариф изјави за „Еуроњус“ дека е среќен што Макрон го презеде водството во обидот да го спаси нуклеарниот договор од 2015 година, кој САД го напушти минатата година.

-Претседателот Макрон се обидува да даде се од себе. Нашите партнери во Европа треба да донесат одлука, не за Иран, туку за тоа како сакаат да се справат со САД – дали сакаат да имаат независност или дали САД можат да ја наметнат својата волја, рече тој.

Иако Иран неодамна започна со работа на својата програма за збогатување ураниум, која беше стопирана со договорот од 2015 година, Зариф рече дека работата е реверзибилна. Ова го повтори и Рохани, кој во неделата рече дека Иран намерно напредува бавно со цел да ѝ се даде шанса на дипломатијата.