Романските здравствени власти уништиле 1.100 килограми египетски компири откако лабораториски тестови покажале дека зеленчукот бил заразен со мувла.

Министерството за земјоделство денеска објави дека инфицираните компири пристигнале во пристаништето Констанца на Црното Море од Египет. Лабораториските тестови потврдиле дека имале мувла која може да зарази вода и почва. Министерството објави дека нема „хемиски или биолошки метод“ за отстранување на овој „штетен организам“ и оти ако бидат засегнати извори на вода, економската штета би била „исклучително сериозна“.

Романските здравствени власти потсетија дека вршат строга контрола за да ја заштитат земјата од инфициран зеленчук и растенија.

Националниот институт за статистика објави дека во 2017 година, од Египет биле увезени 8.000 тони компири, што претставува голем пораст во споредба со претходната година.