Министерот за внатрешни работи на Романија, Николае Мога, кој на оваа функција беше само шест дена, вчера се повлече од функцијата по скандалот со убиството на две тинејџерки.

Јавноста неодамна беше разгневена поради убиствата на Александра Макесану (15) и Луиза Меленсу (18) во јужниот град Каракал.

Мекесану се јавила на европскиот број за итни случаи 112, но на властите им биле потребни 19 часа да ја лоцираат, неуспешно обидувајќи се да ги следат нејзините повици.

Истрагата покажа дека политизираните тела за јавна безбедност се недоволно финансирани, имаат недостаток од кадри и се недоволно обучени, пренесува „Ројтерс“.

Шефот на полицијата во Романија и неколку окружни службеници веќе беа отпуштени поради случајот.

Претседателот Клаус Јоханис рече дека истрагата претставена на состанокот на Врховниот совет за одбрана вчера идентификувала серија „сериозни недостатоци“.

Покрај доцнењата, властите не ги следеле протоколите за пребарување и спасување на деца.

– Откриено е дека институциите надлежни за јавниот ред и безбедност не успеаа, по низата неприфатливи грешки, да го обезбедат основното право на живот – рече тој.

Јоханис додаде дека побарал од владата на социјалдемократите да воведат мерки до крајот на август за подобрување на соработката и на системите за брза реакција на институциите за јавна безбедност, вклучително и технологија за лоцирање на повиците на бројот 112.