Јазот помеѓу жените и мажите, измерен во однос на политичкото влијание, економските придобивки, здравството и образованието, е намален во изминатата година, но ќе биде потребен уште еден век за да исчезне, соопшти Светскиот економски форум (СЕФ).

Во извештајот на швајцарската организација, која меѓу другото се занимава и со следење на глобалниот напредок во родовата еднаквост, се наведува дека и покрај фактот дека сѐ повеќе жени стануваат дел од владите во многу земји, економскиот јаз и натаму се продлабочува. СЕФ предвидува дека ќе бидат потребни 99,5 години за жените да постигнат рамноправност со мажите, иако жените се на високи раководни функции во Европската централна банка, Светската банка и се премиерки во повеќе земји, меѓу кои се и Финска, Германија и Нов Зеланд. Според организацијата, напредокот во политичката сфера и понатаму е бавен, при што жените се на 21 отсто од министерските функции во светот. Од друга страна, економскиот родов јаз се зголемил годинава, делумно и поради тоа што жените не се доволно застапени во речиси сите брзорастечки сектори на трудот, како што се вештачката интелигенција и други информатички услуги.


Естонија се извини за навредите кон финската премиерка

Естонскиот претседател Керсти Калјулад се извини за коментарите на неговиот министер за внатрешни работи Март Хелме, кој неодамна ја опиша новоизбраната финска премиерка Сана Марин како „продавачка“. Калјулад изјави дека е засрамен од коментарите на Хелме. Со 34-годишна возраст, Марин е најмладата премиерка во светот, пренесува Би-би-си.