Апелациониот суд на Тексас го одложи погубувањето на Родни Рид (55) кое беше предвидено за среда, откако голем број на поддржувачи тврдеа дека постојат докази кои фрлаат сомнеж врз неговата вина. Но борбата на Рид, кој беше осуден за силување и убиство во 1996 година, допрва почнува, пренесуваат американските медиуми.

Пресудата на Рид не е поништена, со што се очекува случајот повторно да се врати на суд, благодарение на новооткриените докази. Вчера се одржа и јавен собир кој претставуваше прослава на одлуката, како и повторно барање за ослободување на познатиот затвореник. 

– Јас сум една среќна мајка. Имавме сведоци кои беа застрашувани, но денес е нов ден. Изминаа повеќе од 20 години, но работите се менуваат и мислам дека овој случај ќе донесе промена. Вистината ќе го ослободи – кажа Сандра, мајката на Рид. 

Нејзиниот син ги помина изминатите две децении во исчекување на смртната казна откако беше осуден за силување и убиство на 19-годишната студентка Стејси Ситис, која била задавена со колан во Тексас во 1996 година.

Полицијата првобитно се сомневаше во свршеникот на Ситис, Џими Фенел, кој тогаш бил полицаец, но Рид беше уапсен откако неговата семена течност била пронајдена во телото на жртвата. Адвокатите на Рид тврдеа дека доказот бил пронајден бидејќи нивниот клиент и Ситис биле во врска. Од друга страна, коланот со кој било извршено убиството никогаш не бил тестиран за ДНК-докази, додека отпечатоците на обвинетиот не биле пронајдени на местото на злосторството.

Пејачката Ријана, моделот Џиџи Хадид и раперот Баста Рајмс, се меѓу бројните славни личности кои се залагаат за спречување на смртната казна за Рид. Тие апелираат до јавноста да ја поддржи интернет-петицијата против егзекуцијата, која досега собра над 850 илјади потписи.

– Ве молам гувернеру Абот, како можете да погубите човек за кого, по неговото судење, се појавија голем број на докази што го ослободуваат од вина, а дури го вмешуваат другиот осомничен. Ве молам да го сторите исправното дело – напиша Ким Кардашијан на Твитер.

Кардашијан истакна и дека била покрај Рид во затворот, кога тој дознал дека неговата егзекуција е одложена.

Непрофитната организација „Проект за невиност“ поднесе жалба за поништување на пресудата на Рид, тврдејќи дека обвинителството криело одредени докази и го засновало случајот врз лажно сведочење за време на првобитното судење. 

Истата организација претходно поднесе барање за негово помилување, по сознанието за писмена изјава на поранешен затвореник кој тврди дека свршеникот на жртвата му признал оти ја убил Ситис, додека биле заедно во затвор. Во тоа време Фенел отслужувал 10-годишна затворска казна за киднапирање и силување додека бил на полициска должност, во случај од 2007 година. Правниот тим на Рид бара и отфрлање на ДНК-доказите, бидејќи како што наведува, тројца експерти за форензика признале дека направиле грешки при нивното сведочење во првобитната истрага.

Одборот за условни казни на Тексас исто така испратил писмо до гувернерот барајќи помилување на Рид, сметајќи дека неговата егзекуција без потполна сигурност во вината ќе придонесе за нарушување на довербата на јавноста во правниот систем на Тексас.