Дерик Рид на собир за поддршка на неговиот брат Родни

Бројот на егзекуции во САД е блиску до најниското ниво во изминатите три децении. А сепак, намалувањето не спречи одреден загрижувачки тренд за оние што одблиску ја следат тематиката. Значителен број на случаи во кои затворениците се егзекутирани или чии егзекуции се закажани, отвораат прашања за нивната вина, пишува „Њујорк тајмс“.

Откако Апелациониот суд на Тексас го одложи погубувањето на Родни Рид, тој стана најпознат пример, со добивањето на поддршка од законодавците на Тексас од двете страни, како и од славните личности меѓу кои се Ријана и Ким Кардашијан кои бараа повторно испитување на доказите.

Рид тврди дека не го починил убиството од 1996 година за кое беше осуден. А во последните неколку месеци нови сведоци истапија укажувајќи на друг осомничен – свршеникот на жртвата, поранешен полицаец кој помина една деценија во затвор поради киднапирање и сексуален напад. 

Откако Врховниот суд привремено ги запре егзекуциите во 1972 година, најмалку 166 осудени затвореници беа ослободени од вина, пред извршување на нивните смртни пресуди. Егзекуциите продолжија во 1977 година, откако сојузните држави почнаа да ги преиспитуваат законите за да бидат во согласност со одлуката на Врховниот суд. Адвокатите тврдат дека одредени невини луѓе беа егзекутирани оттогаш, вклучувајќи го Камерон Тод Вилингем кој беше усмртен во Тексас во 2004 година.

Адвокатите на осудениците на смрт честопати истакнуваат дека нивните клиенти не добиле фер судење или можност за жалба поради процедурални причини. А истражувачите сепак велат дека сега има значителен број на случаи во кои постои сомнеж за вината на осудениците.

– Годинава имаше невообичаено висок процент на случаи во кои постојат сериозни докази дека луѓето што не ги починиле убиствата се осудени на смрт – вели Роберт Данам, извршен директор на Информацискиот центар за смртната казна, непрофитната организација која ги следи егзекуциите.

Адвокатот на Рид вели дека има сомнеж оти постои поголем број на невини луѓе кои го чекаат извршувањето на смртната казна, отколку порано. Но обидите за оспорување на смртните пресуди почесто откриваат сомнителни судски одлуки, истакнувајќи неколку примери на лошо извршени форензички постапки и криење на докази од страна на властите.

Пресудата на Рид не е поништена, со што се очекува случајот повторно да се врати на суд, благодарение на новооткриените докази. Рид ги помина изминатите две децении во исчекување на смртната казна откако беше осуден за силување и убиство на 19-годишната студентка Стејси Ситис, која била задавена со колан во Тексас во 1996 година.

Полицијата првобитно се сомневаше во свршеникот на Ситис, Џими Фенел, кој тогаш бил полицаец, но Рид беше уапсен откако неговата семена течност била пронајдена во телото на жртвата. Адвокатите на Рид тврдеа дека доказот бил пронајден бидејќи нивниот клиент и Ситис биле во врска. Од друга страна, коланот со кој било извршено убиството никогаш не бил тестиран за ДНК-докази, додека отпечатоците на обвинетиот не биле пронајдени на местото на злосторството.