Адвокатката на уапсениот основач на Викиликс, Џулијан Асанж, вели дека Владата на Еквадор ширела лаги за неговото однесување во амбасадата во Лондон.

Џенифер Робинсон изјави денеска дека еквадорските власти давале скандалозни обвиненија против Асанж за да го оправдаат тоа што и дозволија на британската полиција да влезе во нивната амбасада во четвртокот и да го уапси Асанж, кој таму се криеше од 2012 година.

Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, оваа недела го укина азилот за Асанж, отворајќи го патот на британската полиција да го уапси.

Робинсон потенцира дека Асанж живеел во многу тешки услови откако Морено дошол на власт во 2017 година.

Асанж во 2012 година се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон за да избегне екстрадиција во Шведска, поради обвинение за сексуален напад, кое во меѓувреме беше отфрлено.

Во четвртокот лондонската полиција го уапси Асанж поради прекршување на условите за кауција во Велика Британија и врз основа на американската наредба за неговата екстрадиција.

Еквадор претходно му го одзеде статусот на азилант на Асанж, наведувајќи како причина „кршење на меѓународни конвенции и дневни протоколи”.

САД го бараат Асанж за објавување на десетици илјади тајни владини документи преку Викиликс. Шведска, исто така, размислува да ги обнови истрагите против него за обвиненијата за силување.

Робинсон рече дека е подготвена да соработува со шведските власти ако побараат негова екстрадиција, но дека приоритет е да се избегне екстрадиција во САД.

-Џулијан никогаш не се грижеше за справување со британското или шведското судство. Нашата главна грижа беше и уште е да спречиме да биде испратен во САД – вели Робинсон.

Следното појавување на Асанж пред судот ќе биде на 2 мај преку видео врска.