Индискиот министер за надворешни работи деновиве е постојано загрижен. Но, изворот на неговата загриженост не се кинески војници на границата на Хималаите, туку познатата пејачка Ријана и шведската активистка за екологија, Грета Тунберг, кои ги поддржаа индиските фармери во нивните протести и окупацијата на Њу Делхи, пишува „Форин полиси“.

Индиските земјоделци бараат укинување на три контроверзни закони кои беа донесени минатата година, а имаат за цел да го реформираат високорегулираниот и субвенциониран земјоделски пазар во Индија. Тие стравуваат дека законите ќе ги остават без одбрана од моќта на компаниите и ќе го зголемат ризикот од несигурни приноси.
Ријана не тврди дека е експерт за агрикултурата во Индија. Таа нејзиниот гнев го насочи кон контролата на информациите и укинувањето на пристапот до интеренет за време на протестите.
– Зошто не зборуваме за ова? Забраната за пристап до интернет стана стандардна оперативна процедура за владата на премиерот Нарендра Моди за да се спречи критичарите и демонстрантите да комуницираат едни со други или со остатокот од населението – објави Ријана на Твитер, каде што има над 100 милиони следбеници.
За неколку часа, поддршка на земјоделците во Индија дадоа и голем број светски познати личности. Тунберг понуди интернет-алатки кои нудат информации за тоа што може да се преземе за да им се помогне на фармерите во нивната борба.

Владата на Моди првин побара од „Твитер“ да забрани голем број на профили, на што вработените од „Твитер“ првин подлегнаа на барањата, но за кратко време сите профили беа вратени во употреба.

Сега индиската влада се подготвува за можната ескалација на протестите. Поставена е бодликава жица, како и барикади кои наликуваат на воени утврдувања околу главниот град, а Њу Делхи изгледа како да се подготвува за непријателска инвазија.

Протестот е последниот удар врз разоткривање на илузијата на Индија како „најголема демократија во светот“. Додека таа има демократски устав, избори, парламентарна опозиција и судство што треба да дејствува независно од владата, голем број активисти се во затвор и одбиена им е кауција. Затоа, не е ни чудо што Индија е толку несигурна и вознемирена кога славни личности како Ријана го насочуваат вниманието кон опаѓачката демократија во земјата.