Францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека ќе направи „ризичен облог“ заземајќи се за избегнување на политички колапс во Либан, но и дека можностите за постигнување резултати се ограничени, пренесува „Политико“.

– Ова е последна шанса за овој систем. Правам ризичен облог. Свесен сум за тоа. На масата го ставам единственото нешто што го имам, мојот политички капитал – кажа Макрон додека патуваше кон Бејрут.

Макрон е во Либан по вторпат во послениот месец, во обид да изнајде начин за спроведување на реформи во државата од Средниот Исток, во замена за помош. Либан се справува со долгорочна политичка и финансиска криза, покрај избивањето на коронавирусот и катастрофалната експлозија која се случи на пристаништето во Бејрут минатиот месец, по која премиерот Хасан Џаб поднесе оставка.

Политичките партии во Либан се договорија да го постават Мустафа Адиб за нов премиер, само неколку часа пред доаѓањето на Макрон. Францускиот претседател им понуди на политичките лидери во Либан помош во справувањето со кризата, иако неговите критичари тврдат дека Макрон не прави доволно по ова прашање.

Макрон предупреди дека следните три месеци ќе бидат клучни за промените, заканувајќи се со задржување на меѓународната финансиска помош и со наметнување санкции против владејачката класа доколку не се случат.

Тој инсистираше дека неговиот пристап не е мек и оти нема да се повлече. Макрон најави дека планира да се сретне со новиот премиер и со сите либански парламентарни партии, вклучувајќи ги и оние со кои не се согласува. Францускиот претседател бара гаранции од политичките лидери за спроведувањето реформи.