Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги увери своите религиозни десничарски политички партнери дека ќе се држи до пактот да преговара со нив, откако се согласи да почне разговори за единство со главниот ривал Бени Ганц од партијата Сино-бели, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Во исто време, Ганц им кажа на своите сопартијци дека нема да се откаже од ветувањето пред гласачите дека нема да дозволат Нетанјаху да остане премиер, посочувајќи дека политичкиот ќорсокак што го остави Израел без влада со месеци може да потрае.

Нетанјаху минатата недела издејствува договор меѓу партиите „Јамина“, „Шас“ и „УТЈ“ со својата партија „Ликуд“ да преговараат како група, откако на изборите десничарските и верските партии не успеаја да соберат доволно поддршка за сами да формираат коалиција.

Ганц и неговите централно-левичарски партнери исто така не успеаја да ги добијат потребните 61 пратенички места.

Нетанјаху во понеделникот првпат се состана со Ганц во резиденцијата на претседателот Рувен Ривлин и се согласи да почне разговори во насока на градење коалиција за единство.