Полицијата приведе околу 300 лица на неодобрените протести во Минск на 1 ноември, изјави портпаролот на белоруското Министерство за внатрешни работи, Олга Чемоданова, на својот канал на Телеграм, пренесува ТАСС.

– Речиси 300 лица беа приведени за кршење на законот за масовни настани во Минск и во регионот на Минск, а против нив беа изготвени административни протоколи – рече портпаролот.

Приведените ѝ дале активен отпор на полицијата, истакна таа.

– Притоа демонстрантите користле и импровизирана експлозивна направа. Полицијата постојано предупредуваше дека сите незаконски чекори се неприфатливи и презема мерки за спречување на злосторствата – нагласи таа.

Полицајците користеле шок бомби и гумени куршуми. Почната е и истрага за активен отпор кон полицијата и за блокирање на сообраќајот.

Вкупно 13 протести беа одржани низ целата земја. Во меѓувреме, портпаролката истакна дека протестите во другите региони на републиката не се прошириле значително и бројот на учесници во основа не надминувал 10.

Белорусија ги одржа своите претседателски избори на 9 август. Според податоците на Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко доби 80,1 отсто од гласовите. Светлана Тихановскаја, која освои 10,12 отсто, одби да ги признае резултатите од изборите и ја напушти Белорусија.

Протести избувнаа во главниот град на земјата Минск и во неколку други градови по гласањето за претседател, што доведе до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Крајниот рок за „Ултиматумот на народот“ од опозицијата истече во неделата на 25 октомври, а беше упатен до претседателот Александар Лукашенко од страна на сега веќе прогонетата поранешна претседателска кандидатка Светлана Тихановскаја.

Барањата вклучуваа оставка на актуелниот претседател, ослободување политички затвореници и крај на насилството. Опозицијата ги повика работниците во индустриските претпријатија да почнат штрајк ако овие барања не бидат исполнети.