Најмалку 178 лица се водат како исчезнати откако траектот што превезуваше патници потона во езеро на индонезискиот остров Суматра, што е многу поголем биланс на исчезнати од она што претходно беше проценето, пренесува денеска агенцијата АП.

Вознемирените членови на семејствата побараа поголем ангажман на спасувачките служби и ги критикуваа индонезиските власти заради неуспехот да применат основни мерки на безбедност кога се во прашање бродовите.

Бродот бил претоварен, немал попис на товарот, а властите во повеќе наврати го менуваа соопштението за бројот на патници што се наоѓале на траектот, откако одделни граѓани ги информирале за исчезнување на свои членови од семејствата.

Само 18 преживеани биле пронајдени во невремето, неколку часа откако во понеделникот вечер потона траектот.

Полицијата, повикувајќи се на изјави на преживеаните, соопшти дека помалку од половината од луѓето скокнале во водата пред траектот да потоне.

Нуркачите го пребаруваат езерото на длабочина од 25 метри, а најавено е и користење на подводен дрон.

Езерото Тоба е од вулканско потекло и е популарна туристичка дестинација во северниот дел на островот Суматра.