Бројот на загинати по уривањето на браната на рудник во југоисточен Бразил се зголеми на 99 жртви, соопшти портпаролот на државната агенција за цивилна одбрана во бразилската држава Минас Гераиш, Флавио Годињо.

Тој додаде дека 259 лица се водат како исчезнати.

Бразилските власти соопштија дека поради слаб дожд вчера привремено била прекината потрагата по евентуални преживеани, но истакнаа дека дождот не влијаел на нивото на водата.

По попуштањето на браната во петокот беа поплавени делови од Виља Фертеко и неговата околина. Постои опасност за загадување на животната средина, бидејќи е можно меѓу надојдената мешавина на вода, кал и јаловина да има и потенцијално отровен отпад.

Бразилската рударска компанија „Вале СА“, која е сопственик на рудникот, соопшти дека во моментот кога попуштила браната, во таа зона се наоѓале околу 300 работници. За време на инцидентот стотина работници се наоѓале во мензата на рудникот, која останала под вода и е затрупана со кал.

Причините за уривањето на браната, која била изградена во 1976 година, засега не се познати.

Слична трагедија во Минас Гераиш се случи и во 2015 година, при што загинаа 19 лица.