Речиси половина државјани на САД анкетирани во испитувањето на јавното мислење, кое заедно го објавија АП и Центарот за истражување на националното мислење, се изјасниле дека следната година ќе дојде до влошување на односите меѓу САД и традиционалните сојузници на Вашингтон.

Такво мислење имаат 46 отсто Американци, додека само 20 отсто сметаат дека односите со традиционалните сојузници на САД, како Велика Британија и Канада, ќе се подобрат.

Од друга страна, 40 отсто од анкетираните оцениле дека постојат шанси за подобрување на односите со државите кои традиционално се непријателски настроени кон САД, како Северна Кореја и Русија, додека 20 проценти од испитаниците сметаат дека односите ќе се влошат.

Вкупно гледано, 41 отсто Американци ги поддржуваат работите кои ги работи шефот на Белата куќа, Доналд Трамп, а на неговата политика се спротивставуваат 57 отсто анкетирани, што се резултати на ниво на оние објавени во март оваа година.

Трамп најдобро минал по прашањето за Северна Кореја, 55 отсто испитаници во САД се изјасниле дека ги поддржуваат неговите дипломатски напори.