Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) и во двата дома повторно го изгласа буџетот за одбрана за 2021 година и го поништи ветото што американскиот претседател Доналд Трамп го стави на првично донесениот буџет минатата недела.

На вонредната новогодишна сесија, Претставничкиот дом експресно го поништи ветото на Трамп со двотретинско мнозинство, а потоа и горниот дом на Конгресот, Сенатот, во кој републиканците на Трамп имаат мнозинство, го стори истото.

Конгресот на тој начин првпат поништи вето на Трамп за закон, на самиот крај на неговиот мандат.

Американскиот претседател во заминување на крајот на минатата недела на „Твитер“ напиша дека неговото вето во Конгресот ќе биде поништено од „слабото и уморно“ раководство на Републиканската партија.

Поништувањето на неговото вето, Трамп го смета за срамен чин на кукавичлук и подреденост на богатите технолошки компании.

Конгресот првично го усвои нацрт-буџетот вреден повеќе од 740 милијарди американски долари наменет за одбраната на САД во текот на 2021 година.

Трамп минатата недела испрати нота до Конгресот во која ги информираше дека става вето на нацрт-законот затоа што смета дека тој не ги опфаќа сите клучни прашања од националната безбедност и е спротивен на неговите приоритети за безбедност и надворешна политика за Америка

– Таквиот нацрт е подарок за Кина и Русија – рече Трамп во белешката испратена до Конгресот.