Џамал Кашоги

Според извештајот на Репортери без граници (РБГ), 2018 година статистички е најлошата година во однос на насилство и злоупотреба на новинарите, со најмалку 80 убиства на новинари поврзани со нивната работа. Дополнително, 348 новинари биле затворени, а 60 биле држени како заложници, пренесува британски „Телеграф“.

Бројките од статистиката на Репортери без граници покажуваат дека повеќе од половина од новинарите кои се убиени во 2018 година намерно биле мета на убицијте поради нивната истражувачка работа. Податоците покажуваат дека има зголемување од 15 отсто на убиствата на новинарите од 2017 година.

– Новинарите како никогаш претходно се предмет на насилство во 2018 година – стои во извештајот.

Статистичките податоци покажуваат дека има зголемување на инцидентите во сите категории, вклучувајќи ги убиствата, приведувањата, паѓање во заложништво и насилни исчезнувања.

Постојат повеќе случаи во кои оваа година новинарите намерно биле мета на политички или криминален прогон, вклучувајќи го убиството и на саудискиот колумнист Џамал Кашоги, кој беше убиен во Истанбул, како и словачкиот новинар Јан Куциак, кој беше егзекутиран заедно со неговата партнерка во неговиот дом.

Авганистан статистички е најопасната земја за новинарите во светот, со 15 убиства оваа година, а Сирија е втора на оваа поразителна статистика со 11 убиени новинари. Надвор од воените зони, Мексико е најопасна земја да се биде новинар, со девет убиства, а во САД пет вработени на весникот „Капитал Газет“ беа убиени во Анаполис, Мериленд во јуни.

Репортери без граници објавија и статистика за сите инциденти поврзани со новинари од 1995 година, а бројките ги опфаќаат професионалните и непрофесионалните новинари и работници во медиумите.

Генералниот секретар на РБГ, Кристоф Делоире изјави дека насилството против новинарите оваа година ги надминало сите претходни и дека ситуацијата за новинарството како професија станува многу критична.

– Омразата спрема новинарите е многу гласна и често отворено се зборува против новинарите од страна на политичари, религиозни лидери и бизнисмени. Оваа отворено говорење против новинарите има многу сериозни последици и се рефлектира со зголеменото насилство и убиства на новинари – објасни Делоире.

Минатата недела, магазинот „Тајм“ ги именуваше убиените и притворените новинари како „Чувари“, во склоп на нивната награда „Личност на годината“ за 2018 година. Тие објавија четири страни на кои се простираа приказните за Кашоги, филипинската новинарка Мариа Реса, уапсените новинари на „Ројтерс“ Кја Сое Оо и Ва Лоне и за вработените во „Каптиал Газет“.