Организацијата „Репортери без граници“ објави дека оваа година се убиени најмалку 50 новинари.

Во годишниот извештај е забележано дека голем број од овие новинари се убиени поради истрагите што ги воделе за корупција, организираниот криминал, уништувањето на животната средина и природата.

Во извештајот, во кој се наведува дека повеќето новинари се убиени додека известувале од разни демонстрации, се истакнува дека годинава за новинарите најопасни држави се Мексико, Ирак, Авганистан, Индија и Пакистан.

Покрај тоа, во извештајот се нагласува дека стотици новинари низ светот починале од ковид-19, но не е утврдено колку од нив се заразени во текот на професионалниот ангажман.

Забележано е дека тројца новинари, кои биле во затвор во Египет, Русија и во Саудиска Арабија, го загубиле животот од Ковид-19 поради недостиг од медицинска нега.

Иранските власти овој месец го погубија новинарот Рухулах Зем, кој беше уредник на опозициската интернет-страница „Amednews“. Меѓу убиените претставници на медиумите се наоѓаат две жени.

Во последните десет години се убиени најмалку 937 новинари.