Францускиот претседател не може да биде обвинет за недостиг од идеи, а тоа го покажа и со своето писмо за „европска преродба“, испратено до медиуми во 28 земји-членки, но останува енигма колку од нив ќе станат реалност, наведува Политико

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна ја претстави својата визија за Европската Унија, која беше објавена во повеќе европски весници, повикувајќи на „европска преродба“ и нудејќи серија нови политики и институции за нивно имплементирање. Макрон исто така повика на организирање конференција за разгледување на политичкиот проект на ЕУ, порачувајќи дека дури и промената на постојните договори на Унијата не треба да биде табу. Но колку од неговите планови и идеи имаат шанса да станат реалност ако се земе предвид дека многу државни лидери пред Макрон се судрија со фактот дека промената на курсот на ЕУ е многу тежок потфат, наведува Политико.

Во однос на трговијата, Макрон во своето писмо дава предлози што претставуваат најрадикална промена од сегашното статус кво. Тие, како што се оценува во анализата на Политико, се во согласност со неодамнешниот француско-германски притисок за повторно разгледување на пристапот на ЕУ кон конкуренцијата и трговската политика. Макрон бара „европска преференција“ во јавните набавки и казнување или забрана на бизнисите што ги компромитираат стратегиските интереси и фундаментални вредности на ЕУ. Ваквите протекционистички мерки тешко да поминат во Брисел. Пореалистичен пристап би бил „реципроцитетот“ во јавните набавки. Тоа би значело дека владите на ЕУ не треба да купуваат производи и услуги од земји што не се отворени за европските компании. Според Политико, шансите за имплементирање на ваквиот мек реципроцитет се околу 80 отсто.

Кога станува збор за конкуренцијата, Макрон бара реформа на политиките за конкуренција на Унијата. И тоа е во рамките на француско-германскиот притисок за реформи на сегашните правила на ЕУ, за да им се овозможи на европските компании да станат „глобални“ шампиони. Брисел, во моментов, не им дозволува на земјите-членки да им овозможуваат на компаниите специфични предности и поволности. Но неколку исклучоци овозможуваат заобиколување на ова правило, вклучувајќи ја и неодамнешната рамка за заеднички проекти за истражување и иновација што се од европски интерес. Шансите за вакви реформи се 60 проценти.

Многу мали се шансите за имплементирање на повиците на Макрон за финансирање на иновациите со доделување буџет за новиот Европски совет за иновации. Покрај Европската агенција за заштита на демократиите, тој бара и европска климатска банка, европски сили за безбедност на храната и европски совет за внатрешна безбедност. Но во неговите големи планови не е наведено како би се финансирале овие нови тела и агенции.

Францускиот претседател се осврна и на храната и земјоделство, па така, покрај предлогот за европски сили за безбедност на храната, бара и преполовување на употребата на пестициди до 2025 година. Прашањето за пестицидите може повторно да го разгори гневот на француските земјоделци, додека повикот за нова агенција може да помине, бидејќи слично такво тело веќе постои во ЕУ.

„Европската преродба“ на Макрон содржи и формирање заеднички погранични сили и европска канцеларија за азил, како и европски совет за внатрешна безбедност. Тој бара и договор за одбрана и безбедност, кој би ги дефинирал основните обврски на ЕУ во соработката со НАТО и европските сојузници. Ваквите повици се на линија со идеите на Европската комисија, но некои земји-членки се противат. Миграцијата е жешка тема во ЕУ, а наоѓањето консензус за неа досега се покажа како вистинска главоболка за Брисел.

Интересно е тоа што за Макрон, поранешен банкар и министер за финансии, реформите на еврозоната се еден од најголемите приоритети, но во неговото писмо тој многу малку коментира за еврото. По сѐ изгледа Макрон добро увидел дека сега не е ниту време, ниту место да се притиска за повеќе, особено што и натаму траат тешките преговори за идниот буџет на еврозоната. Според Политико, претставниците на ЕУ и владите ќе му бидат благодарни што не ја вметна реформата на еврозоната во својата листа за европска ренесанса.