Во северозападниот дел на Соединетите Американски Држави, биле регистрирани рекордно високи температури.

Во Портланд, Орегон, измерени се 42,2 степени Целзиусови, што е највисока температура досега забележана во тој град. Портланд е меѓу најмалку осумте градови во Орегон и соседната држава Вашингтон, во кои беа срушени претходните рекорди кога станува збор за високи температури, пренесува Гласот на Америка.

Во Сиетл, Вашингтон, измерени се 37,8 степени во саботата, што го прави најтоплиот ден досега забележан во јуни.

Ваквите високи температури се сметаат за потенцијално опасна ситуација за регион каде што многумина живеат без климатизација, бидејќи ретко им е потребна.

Во северозападниот дел од САД, пред два дена започна отворање на центри за разладување, бидејќи локалните власти предупредија дека во наредните денови може да се очекуваат горештини кои ќе бидат опасни по живот, кои би можеле да ги надминат претходните високи температури.

Националната метеоролошка служба на САД (НВС) издаде предупредувања за екстремна температура и повика на претпазливост во Орегон и Вашингтон, заедно со делови од Калифорнија и Ајдахо, со порака до жителите дека последиците од овој топлотен бран можат да бидат фатални.

Експертите велат дека екстремните временски услови, како што е раната летна топлина што погоди делови од Соединетите Американски Држави оваа година, не можат да бидат директно поврзани со климатските промени, но дека невообичаените временски промени може да станат почести поради глобалниот пораст на температурите.