На локалните избори во Хонгконг, кој повеќе месеци се соочува со насилни антивладини протести, е регистриран рекорден одѕив на гласачите. На девет часа пред затворањето на гласачките кутии, според владини извори, гласале над еден и пол милион гласачи, од вкупно 4,13 милиони граѓани со право на глас.

Окружните совети се пониски владини тела со четиригодишен мандат, кои се грижат за локалните работи во 18 дистрикти, како што се градскиот превоз и објектите за рекреација. Меѓутоа, имајќи предвид дека антивладините протести во градот и понатаму траат, политичките прашања можеби ќе бидат поважни од локалните, при гласањето на граѓаните на Хонгконг. Лидерката на Хонгконг, Кери Лам, претходно порача дека администрацијата се надева дека изборите ќе се одржат сѐ додека може да се спроведат на праведен и безбеден начин.

Откако Британија ѝ го врати Хонгконг на Кина, во 1997 година, овој специјален административен регион функционира врз принципот „една земја, два система“. Тоа му овозможува на градот самоуправа и разни слободи, вклучувајќи и ограничени изборни права. Лидерот на градот може да биде номиниран и избран само од страна на комитетот што има 1.200 члена, кои главно се дел од прокинеската елита.

Опозицијата се обидува да ја натера кинеската влада да ја почитува целосната демократија, за која тврди дека им е ветена со Основниот закон, еден вид мини-устав на градот, кој на жителите им дава право само да го изберат својот лидер. Тоа всушност е едно од петте барања на демонстрантите и причина за претходните продемократски протести во 2014 година. Без промена во политичката структура, единствен начин јавноста да избере свој лидер е преку окружните советници, кои сочинуваат десет отсто од изборниот комитет и шест проценти од парламентарците.