Илустрација: „Нова Македонија“

Пекинг гледа на регионот како на влезна порта за Европа. Но регионот како да е сѐ уште скептичен кон Кина или, пак, претпазлив за тоа дали кинеските ветувања може да се одржат. Притоа постои уште една опција, а тоа е прикриениот притисок на Западот, особено на САД, државите од регионот да апстинираат од безрезервна поддршка кон Кина. И повторно регионот е во пресата на глобалните сили, помеѓу чеканот и наковалната… А понудите на Кина се особено привлечни за земјите
од Западен Балкан што не се дел од ЕУ, а се многу желни за капитал што ќе им помогне да го стигнат остатокот од континентот…

Кина во фокусот, Западот се дефокусира?

Јавноста во поширокиот регион и набљудувачите на состојбите со должно внимание го проследија неодамнешниот Самит на лидерите на Кина и на земјите на Централна и на Источна Европа, чија цел беше да се создаде нов консензус и да се изработи нов план на соработка во новонастанатата ситуација. Имено, на 9 февруари преку видеоврска се одржа долгоочекуваниот самит, на кој учествуваа кинескиот претседател Си Џинпинг и највисоките претставници на власта на земјите од регионот.

За потсетување, самитот беше закажан за 2020 година, но поради избивањето на пандемијата на ковид-19 беше одложен за годинава и одржан во посебни услови со видеоконференција на лидерите на земјите-членки.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во својот говор ја потврди увереноста во соработката на механизмот „17+1, кој е поголем од 18“, толкувајќи го како влијателна платформа за меѓурегионална соработка. Тој оцени дека самитот „ја покажува одлучноста на сите земји да работат заедно за надминување на тешкотиите и за барање заеднички развој“.
Неколку дена пред самитот, речиси 90 кинески инвеститори се собраа во големата конгресна сала во Пекинг за да го слушнат обраќањето на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
– Доколку нема вештина во планирањето, тешко е да се постигне резултат. Доколку нема вештина во планирањето, тоа нема да успее – рече Ѓукановиќ, цитирајќи го древниот кинески воен стратег Сун Цу.
Обраќајќи им се на инвеститорите, тој кажа дека неговата земја, со вкупно население од 680.000 жители, им посакува добредојде на кинеските инвестиции во секторите туризам, енергетика и транспорт.

– Кина и Црна Гора би требало подобро да ги разберат предизвиците пред глобалната економија и заеднички да побараат соодветно решение – рече Ѓукановиќ, во рамките на својата бизнис-промоција на татковината.
Црна Гора е една од малите балкански држави што бараат кинески инвестиции за да ги поправат своите слаби економии, дополнително разнишани по ковид-19 и покрај зголемените сомнежи дека Пекинг можеби нема да може да ги исполни своите ветувања, сметаат набљудувачите.

Привлечноста на кинеската понуда за земјите од Западен Балкан

Еден од проектите на кинеската иницијатива „Појас и пат“ е автопатот вреден 750 милиони долари, поради кој вкупниот национален долг е зголемен на дури 80 отсто, но Ѓукановиќ истакна дека се надева оти овој проект ќе претставува „моќна движечка сила за побрзо економско закрепнување во постпандемската ера“.
– Во геополитичка и пазарна смисла, кинеските власти го доживуваат Балканот како еден вид мост или отворена врата кон просторите на Европа. Ова е поради стратегиската географска позиција на Балканот, која го прави раскрсница помеѓу Европа и Евроазија – изјави Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика.
– Покрај тоа, некои земји како Србија се кандидати за членство во ЕУ, што во практика многу им користи на кинеските амбиции за уште поголемо поврзување со европските пазари. Политичките врски што настануваат се производ на оваа кинеска амбиција и желбата на балканските народи за истражување на можностите што ги нуди Кина – додаде Вуксановиќ.
И покрај фактот што повеќето кинески инфраструктурни проекти се базираат на кредити, понудата на Кина е особено привлечна за земјите од Западен Балкан што не се дел од ЕУ, а се многу желни за капитал што ќе им помогне да го стигнат остатокот од континентот, изјави Филип Себок, аналитичар во аналитичкиот центар Здружение за меѓународни работи, со седиште во Прага.
– Генерално гледано, балканските земји се поприемчиви за кинескиот бизнис-модел, кој Кина успешно го користи во земјите во развој. Тој содржи помалку регулаторни пречки, а голема улога игра и пријателското позитивно опкружување – смета Себок.

Зголемени инвестиции на Балканот

Ова јасно го покажуваат инвестициските бројки и податоци. Така, во 2010 година, четири членки на ЕУ – Унгарија, Чешка, Полска и Словачка – добија дури 78 отсто од кинеските инвестиции во вкупно 16 земји од Централна и од Источна Европа, додека на Балканот пристигнаа само 20 отсто. Меѓутоа, во 2019 година (една година пред грчкото вклучување во групата „17+1“), инвестициите на Балканот се удвоија до фантастични 41 отсто, во споредба со 43 отсто, кои беа наменети за овие четири централноевропски држави.
Пекинг ги зголеми своите инвестиции на Балканот и на многу земји што не се членки на ЕУ им вети снабдување со вакцини против ковид-19.
Од вкупно 53 комерцијални договори и заеми, објавени на последниот самит „17+1“, 25 беа наменети за пет балкански држави: Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Албанија. Но на подолг рок, сомнежите сепак остануваат.
– Додека светот се бори со пандемијата, а проширувањето на ЕУ не напредува во однос на регионот, земјите од Западен Балкан се соочуваат со краткорочни и среднорочни предизвици во економскиот и инфраструктурниот развој. Останува трајниот прашалник, дали Балканот уште повеќе ќе се оддалечува од ЕУ, со оглед на тоа што кинеските стандарди се многу поразлични од европските – смета Вуксановиќ.
Една декада по формирањето на „17+1“, многу европски земји стануваат сѐ понезадоволни од резултатите, повикувајќи се на растечкиот трговски дефицит со Кина, неуспехот во креирањето работни места и бавното отворање на кинеските пазари за извоз на земјоделски производи, пишува весникот „Саут Чајна морнинг пост“.

– Долго време на Кина се гледаше како на возбудлив потенцијален инвеститор што ќе биде нов поттик за европските економии. Меѓутоа во повеќето случаи, практичните резултати од кинеските инвестиции не ги исполнија очекувањата. Фактот што голем број од инвестициите не донесоа создавање нови работни места, дополнително ја влоши ситуацијата. Сходно на тоа, очекувањата дека Кина ќе биде новиот ветувачки инвеститор, во голема мера спласнаа – рече Себок.
Годинава лидерите на шест членки на ЕУ – Бугарија, Словенија, Романија, Литванија, Летонија и Естонија – не учествуваа лично на самиот „17+1“ со Си Џинпинг, испраќајќи наместо тоа свои млади претставници.
Кинескиот претседател вети дека во следните пет години, Пекинг ќе увезе стока во вредност од 170 милијарди долари, како и дека ќе ја удвои набавката на земјоделски производи од балканските земји, но ова ветување можеби нема да биде доволно за да се намали загриженоста на државите од овој регион.
Имено, кинеското ветување од 2012 година, кое се однесуваше на зголемување на трговијата со регионот до висина од 100 милијарди долари заклучно со 2015 година, не беше исполнето сѐ до лани.
– Тука не станува збор само за зголемување на трговијата, туку за среќавање на „половина пат“ со групата „17+1“ и за подобрување на трговскиот пристап. Освен тоа, откако ќе се најдат на кинескиот пазар, земјоделските производи од Централна и од Источна Европа ќе мораат да се соочат со силна конкуренција, на пример со оние од Австралија и од Нов Зеланд, земји што имаат склучено договори за слободна трговија со Пекинг – заклучува Себок.