Лидерите на 12 од 13-те региони на Франција денеска го повикаа францускиот претседател Емануел Макрон да ги одложи планираните даноци за горивата, кои предизвикаа масовно протестно движење.

Неколку часа пред Макрон да одржи говор за ова прашање, регионалните лидери, од левиот и десниот центар, предупредија дека жолтите елеци се отелотворение на „територијалната и општествената линија на грешка во земјата“.

Протестното движење го изрази гневот на француските рурални и периферни заедници, соопштија регионалните лидери во колумна во весникот „Опинион“.

Макрон треба да го прифати „мораториумот“ за зголемување на данокот на гориво кој се очекува да стапи во сила во јануари, и за кој Владата тврди дека е неопходен во борбата против климатските промени, истакнаа 12-те регионални лидери.

– Тоа не значи откажување од создавање на еколошки даночен систем, туку имање храброст да се одвои време за да го преработиме во социјално прифатлива, транспарентна и целисходна форма – тврдат тие.

Франција веќе 10 дена е блокирана од протести на демонстранти облечени во жолти заштитни елеци, кои често прераснуваат во насилства.

Резултатите од анкетите на јавното мислење покажуваат широка поддршка за движењето.