И додека и натаму траат спасувачките напори, италијанската јавност бара одговорност за уривањето на мостот „Моранди“, а некои од министрите го вперија прстот кон компанијата што го одржува објектот

Билансот на загинати од големата трагедија во Џенова се искачи на 39 лица, а најмалку две лица се водат за исчезнати по уривањето на надвозникот на еден од најфреквентните патишта во Италија. Спасувачките екипи и натаму трагаат по евентуални преживеани лица под урнатините на мостот, кој се урна заедно со повеќе десетици автомобили и камиони. И додека и натаму траат спасувачките напори, италијанската јавност бара одговорност за уривањето на мостот „Моранди“, а некои од министрите го вперија прстот кон компанијата што го одржува објектот. Како можна причина за инцидентот се наведува лошото реконструирање на мостот, изграден во 1960-тите години, а повеќе сведоци изјавија дека гром удрил во еден од столбовите на објектот, пренесуваат светските медиуми.

– Вакви трагедии не треба и не би смеело да се случуваат во цивилизирана земја. Тие што ќе се сметаат за одговорни ќе мора да платат до последен цент. Не би требало да има вакви слики во земја како што е Италија – изјави италијанскиот министер за сообраќај Данило Тонинели.

Тонинели за телевизијата ТГ1 порача дека прв чекор треба да биде оставка на раководството на компанијата „Аутострада пер Италија“, која работи и го одржува овој автопат, како и многу други автопатишта во земјата. Тој истакна дека Владата ќе го раскине договорот со компанијата за одржување на автопатот А10, кој ја поврзува Џенова со француската граница.

– Му дадов мандат на моето министерство да ги почне сите процедури за спроведување на договорот, а тоа е повлекување на концесијата од овие компании и да се бараат големи казни – додаде Тонинели.

Се огласи и вицепремиерот Луиџи Димејо, кој упати остри критики до компанијата и побара санкции.

– Тие што се одговорни за трагедијата во Џенова имаат име и презиме и се викаат „Аутострада пер Италија“. Со години се тврди дека приватниот менаџмент би бил подобар од државата. А денес, една од најголемите компании во Европа ни вели дека мостот бил безбедност и оти не постоела опасност од уривање. „Аутострада“ требаше да го одржува, но не го стори тоа. Компанијата наплаќа едни од највисоките патарини во Европа и плаќа ниски даноци – порача Димејо.

Истовремено, министерот за внатрешни работи Матео Салвини исто така ја обвини и Европската Унија, односно нејзините строги правила, за уривањето на мостот и трагедијата што ја шокира Италија.

– Ако надворешни ограничувања нѐ спречуваат да трошиме за безбедни училишта и патишта, тогаш навистина треба да се преиспита дали има смисла да ги следиме тие правила – истакна Салвини.

Вијадуктот „Моранди“, кој се наоѓа на дел од автопатот А10, се урна завчера околу 11.30 часот по локално време, и тоа во текот на силна бура проследена со грмежи, а некои од очевидците тврдат дека објектот се урнал по удар на гром во еден од неговите столбови. Во моментот на уривање на мостот имало помеѓу 30 и 35 возила.
– Беше нешто по 11.30 часот, кога гром го погоди мостот и тој се урна – изјави Пјетро М. за новинската агенција АНСА.

Членови на едно семејство што живеат во близината на мостот исто така сведочат дека виделе како гром удира во темелот на еден од столбовите на објектот.
– Набргу сѐ почна да се тресе и делови од цемент и бетон почнаа да паѓаат. Потоа сѐ се урна – истакнуваат очевидците на големата трагедија.
Мостот „Моранди“, кој е пуштен во употреба во 1967 година, е 90 метри висок и долг повеќе од еден километар. Во 2016 година е направена реконструкција на објектот, чија цел била негово зајакнување. Но, според дел од експертите и инженерите, и покрај реконструкцијата, мостот покажувал знаци на корозија.
– Мостот беше „следен“ и покажуваше знаци на корозија – порача еден од инженерите, кој бил запознаен со структурата на мостот.
Експертот за економија и сообраќај, кој е и советник во Министерството за сообраќај, Марко Понти, истакна дека армираниот бетон може да ги издржи првите 50 години.

– Но, по таа точка, станува проблематичен, бидејќи прачките што се користат во структурата може да кородираат. По 50 години, мора да посветите внимание – додаде Понти.

Интересно е тоа што дизајнот на мостот и во минатото е цел на критики. Антонио Бренчич, професор за бетонска конструкција на Универзитетот во Џенова, го опиша мостот „Моранди“ како „дно на инженерството“.

– Тој мост е погрешен. Порано или подоцна ќе мора да го замениме. Не знам кога. Но ќе дојде време кога трошоците за одржување ќе бидат поголеми од замената – истакна Моранди во интервју за италијанската телевизија во 2016 година.

Италијанските медиуми потсетуваа дека ова не е прва ваква несреќа во земјата. Околу 12 други моста и надвозници се урнаа во Италија по 2004 година, при што во несреќите животот го загубија седум лица. Минатата година на брегот на Јадранско Море исто така се урна надвозник, а две лица загинаа. На почетокот од 2015 година, вијадукт во Палермо, вреден над 15 милиони евра, се урна само неколку дена по пуштањето во употреба. Лошото одржување на објектите е причина за најголем дел од уривањата.