По спојувањето на едни од најголемите издавачи на весници во САД – „Њу медија/ Гејт хаус“ и „Ганет“ – новата компанија ќе го поседува секој шести американски дневен весник. „Ганет“ издава 216 весници, меѓу кои и „Ју-ес тудеј“, додека, пак , „Гејт хаус“ издава 451 журнал. Најновите истражувања покажуваат глобален тренд во зголемување на довербата на јавноста во весниците, како на национално, така и на локално ниво. Па, така, новинскиот гигант „Њујорк тајмс“ годишно заработува над една милијарди долари од вкупната претплата на неговите изданија – печатено и дигитално. Покрај тоа, истражувањето на „ЈуГов“ и „Економист“ сигнализира дека весниците, особено локалните, имаат трипати поголем рејтинг на доверба отколку Фејсбук, најпопуларната социјална платформа на Интернет. Тоа е добра вест, бидејќи традиционалните печатени медиуми повторно го заземаат своето место под сонцето, покажувајќи се како многу поверодостојни од длабоко дисторзираната дигитална медиумска сцена.