Од Амстердам до Атина и од Шведска до Шпанија, вчерашните eвропски избори покажаа значителна распарченост на политичката слика на континентот. Големите партии станаа помали, а малите добиваат значително поголема моќ. Сега, таа распарченост стигна и до Европскиот парламент, анализираат од „Гардијан“.

Главниот фокус на овогодинешните европски избори беше на значителното зголемување на моќта на десницата и популистите, кои веќе подолго време беа решени да го растурат консензусот на мнозиството на лево и десно-центристите и да ги намалат надлежностите на ЕУ, во обид да се врати моќта кај земјите-членки.

Лидерот на италијанската Северна лига и краен десничар, Матео Салвини, се обидуваше да ги обедини десничарските националистички партии во Европа, како што е партијата на Марин Ле Пен во Франција, Алтернативата за Германија, австриската Партија за слободата, данската Народна партија и партијата Вистински Финци, за да ја направи оваа распарченост.

Обидите на италијанскиот заменик-премиер и министер за одбрана Салвини се прошируваат на една постоечка група на десничари и евроскептици, со „крадење“ на членови од другите две групи. Ако се додадат конзервативните националисти и десничарските сили, според првичните резултати, изгледа дека овие групи освоија една третина од 751-то место во Парламентот.

Овие случувања предизвикаа наводи за целосно преземањe на Европскиот Парламент од евроскептиците. Сепак, вечерашните избори не може да се сметааат за еквивалентни со победата на Доналд Трамп во САД, или со брегзит во Британија. Проевропските сили сѐ уште имаат широко мнозинство во Парламентот на Европа.

Работата на Парламентот, кој во последните неколку години стекна значително поголеми овласувања и сега има значителна улога во легислативниот процес на ЕУ, отсега, без сомниение, ќе стане далеку покомплицирана.

Многумина сметаат дека оваа распарченост, сепак, нема да биде лоша за Европа.

– Фрагментирана Европа може да создаде услови во кои процесот на носење на одлуки во Европскиот парламент ќе биде потежок и попроблематичен. Но, исто така, може да биде и голем благодет за европската демократија. Поголемата политичка конкуренција на европско ниво може да предизвика зголемен интерес на јавноста за Европските парламентарни избори, и може да овозможи здрав развој на ЕУ – посочија Агата Гостинска-Јакубовска и Леонард Шуте од Центарот за европски реформи.