Протести избија во над 30 града, во кои е воведен полициски час

Мирните протести против расизмот и полициската бруталност во САД прераснаа во безредија во многу градови, каде што се запалени возила и згради, а полицијата со солзавец и со гумени куршуми ги растеруваше демонстрантите

Повеќе градови во САД воведоа полициски час во обид да ги запрат безредијата предизвикани од смртта на еден Афроамериканец во полициски притвор. Голем број мирни протести против расизмот и полициската бруталност прераснаа во насилства и безредија во многу градови, каде што беа запалени повеќе возила и згради, а полицијата одговори со солзавец и со гумени куршуми. Претседателот Доналд Трамп ја повика нацијата да заздравува по смртта на Џорџ Флојд, но истовремено се закани дека нема да дозволи да надвладее толпата.
Бившиот полицаец Дерек Шовин (44), белец, е обвинет за убиство на Флојд (46) во Минеаполис и тој денеска треба да се појави пред суд. На видеоснимки од инцидентот се гледа како полицаецот клечи речиси девет минути врз вратот на Флојд додека го апсат, а тој постојано се жали дека не може да дише. Тројца други полицајци присутни при апсењето на Флојд исто така се отпуштени.

Случајот со Флојд повторно ги разгоре дебатите и гневот во САД за полициската бруталност и убиствата на Афроамериканци. Инцидентот следува по убиствата на Мајкл Браун во Фергусон, Ерик Гарнер во Њујорк и други, кои доведоа до движењето под паролата дека се важни и животите на Афроамериканците. Но за многумина, тоа исто така е одраз на повеќегодишните фрустрации поради социоекономската нееднаквост и сегрегација, особено во самиот Минеаполис, посочува Би-би-си.
Големи протести се одржаа најмалку во 30 града низ САД. Еден од градовите најпогодени од безредија и насилства е Лос Анџелес. Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, прогласи вонредна состојба во градот и ја активира Националната гарда, резервниот состав на воените сили, која може да биде повикана од американскиот претседател или од гувернерите за да интервенира при домашни вонредни состојби.

Целиот град е под полициски час од 20 до 5.30 часот. Ограбени се голем број продавници во градот, а на хеликоптерските снимки се гледа како горат пожари. Претходно полицијата стрелаше со гумени куршуми и со палки ги растеруваше демонстрантите. Градоначалникот Ерик Гарцети изјави дека тоа е „најтешкиот момент“ што го доживеал по безредијата во 1992 година, кои беа предизвикани по ослободувањето на полицајците што го претепаа Родни Кинг.
Во Њујорк, на видеоснимка се гледа како полициско возило удира во толпата демонстранти. Градоначалникот Бил де Бласио рече дека ситуацијата не ја почнале полицајците, но конгресменката Александрија Окасио-Кортез рече дека таквите коментари се неприфатливи и дека не смее да има изговори за полицајците.
Во Чикаго, градоначалничката Лори Лајтфут воведе полициски час од 21 до 6 часот и нагласи дека е „згрозена“ од насилството.

– Видов демонстранти што фрлаат проектили кон нашата полиција, шишиња вода, урина и господ знае уште што друго – рече таа.
Во Атланта демонстрантите останаа на улиците по почетокот на полицискиот час, оштетувајќи имот и возила, а полицијата уапси десетици лица. Во Филаделфија, исто така под полициски час, се повредени 13 полицајци и извршени се најмалку 35 апсења откако се ограбени продавници и запалени полициски автомобили. Полициски час е воведен и во Филаделфија, Мајами, Портланд, Сан Франциско и во други градови, иако многумина едноставно го игнорираа. Во меѓувреме, насилствата делумно се смирија во Минеаполис, каде што почина Флојд. Околу 700 припадници на Националната гарда им помагаат на полицајците во Минеаполис да го спроведуваат полицискиот час воведен во градот.

Во Вашингтон, голема група демонстранти се соочија со Националната гарда пред Белата куќа, а претседателот Трамп се закани дека ако ја пробијат оградата, ќе се соочат со „најопасни кучиња и оружја“. Трамп изјави оти смртта на Флојд ги „наполни Американците со ужас, гнев и тага“.
– Стојам пред вас како пријател и сојузник на секој Американец што бара мир – рече Трамп, осудувајќи ги насилствата на „ограбувачите и анархистите“, кои, според него, го валкаат сеќавањето на Флојд.
Трамп исто така порача дека нема да дозволи „да надвладеат гневните толпи“.
Претседателот го обвини градоначалникот на Минеаполис, демократ, дека не успеал да ги контролира протестите. Трамп порача дека ако насилството не се стави под контрола, ќе ја испрати Националната гарда „да ја заврши работата“.

Од друга страна, демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден го обвини Трамп дека им само ги поттикнува насилниците и побара одговорност за смртта на Флојд. Тој исто така ги осуди безредијата и насилствата.
– Протестирањето против таквата бруталност е правилно и неопходно. Но палењето на заедниците и непотребното уништување не е – рече Бајден.