Владата на Виктор Орбан во Унгарија започна кампања за зголемување на семејните вредности и зголемување на наталитетот на населението. Во кампањата која преку билборди требаше да се величаат семејните вредности, Унгарците, но и поголемиот дел од јавноста и сите оние кои се активни на социјалните мрежи забележаа мал проблем, пренесува британски „Гардијан“.

Во најновата кампања на унгарската влада за засилување на традиционалните семејни вредности и зголемување на наталитетот се појавува лик од една од најпопуларните фотографии на Интернет и на социјалните мрежи. Ликот во кампањата на Владата на Орбан е истиот оној од фотографиите кои станаа полуларни на Интернет, прикажувајќи неверствно или „расеан партнер“.

„Младите брачни парови добиваат поддршка додека очекуваат бебе“, стои во билбордот на Владата, илустриран со млад пар кој многумина ќе го препознааат од виралната фотографија која го доби името „расеаното момче“.

Веќе познатата фотографија е една од серијата фотографии кои се користат за илустрација на маркетинг-кампањи или промоции кои може да се откупат на Интернет од фотографот од Барселона, Антонио Гуљем. Фотографијата стана популарна со оригиналниот наслов „нелојален маж оди со неговата девојка и гледа изненадено во друга заводлива девојка“.

Виралната фотографија – „расеаното момче“

Јавноста, пред сè во Унгарија, но и во цела Европа, се потсмеваше на Владата поради користењето на ликови од оваа фотографија, а на социјалните мрежи се појавија и многу други фотографии со различни познати ликови од фотографии на Интернет, како што се „намуртената мачка“ и од актерот Николас Кејџ.

Виктор Орбан, кој минатогодишните избори го освои својот трет последователен мандат, е заинтересиран неговата Влада да биде промотор на традиционални христијански вредности. Често во неговите кампањи се нагласува бременоста, улогата на жените и нивната важност за традиционалните семејства како решение за намалувањето на популацијата и имиграцијата на Унгарците во Западна Европа.