Лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, одговори на изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео во врска со воведувањето нови санкции против него, канејќи го во неговото родно село во планинскиот регион на Чеченија да разговараат за тоа кој навистина ги крши човековите права, пренесува ТАСС.

– Како што знаете, ме вклучија во уште еден список со санкции. Очигледно, Американците имаат многу листи. Толку се исплашив што отидов во моето родно село Беној. Помпео, дојди тука, многу е убаво. Да видиме кој крши какви права – рече Кадиров.

На 20 јули, Стејт департментот воведе забрана за виза за Кадиров, врз основа на законот за блокирање на патувањето во САД за странски државјани за кои американските власти сметаат дека се виновни за кршење на човековите права. Покрај Кадиров, санкциите се однесуваат и на неговата сопруга Медни и неговите ќерки Ајшат и Хадијат.

Лидерот на Чеченија ги осуди санкциите како залуден обид да се посее раздор меѓу неговото семејство. Тој предложи службениците на Стејт департментот сами да дојдат во регионот и да видат колку го поддржува локалното население.