Експлозиите на пресретнувачите од израелскиот систем за противвоздушна одбрана познат како „Железната купола“ и сирените за тревога повторно одекнуваат во јужниот дел на Израел, по засилувањето на судирите со Хамас, пишува „Вашингтон пост“.

Стотоци ракети беа испалени од појасот Газа кон Израел од избивањето на судирите помеѓу Израел и Палестинците во понеделникот. А Хамас вчера истрела ракетен бараж кон најголемиот израелски град Тел Авив, како одговор на израелските воздушни напади врз Газа.

Израелската железна купола претставува систем за противвоздушна одбрана развиен од израелски компании со финансиска и технолошка поддршка од САД. Системот првпат ставен во употреба во 2011 година, е дизајниран да ги сопре ракетите со краток дострел и артилеријата истрелани од Газа. А два засебни системи, познати како „прачката на Давид“ и „Стрела“ се создадени за закани од среден и долг дострел, вклучувајќи авиони, дронови и ракети.

„Железната купола“ се потпира систем за радарска контрола и анализа за одредување на заканата од ракетите што надоаѓаат и да истрела т.н. пресретнувач ако има ризик ракетата да погоди населено место или важна инфраструктура. Пресретнувачите кои се истрелуваат од мобилни единици или статично лансирно место се дизајнирани за да доведат до експлозија на надоаѓачката ракета во воздух.

Официјални лица од израелското министерство за одбрана ја фалат способноста на системот за спротивставување на заканите, но одредени критичари сметаат дека „Железната купола“ всушност го пролонгира конфликтот.

– Способноста на „Железната купола“ за штитење на Израелците од спорадични ракетни напади никогаш нема да стави крај на конфликтот и незадоволството кои создаваа мотивација за безмилосните напади. „Железната купола“ со текот на времето можеби ќе создаде повеќе штета отколку корист – напиша израелскиот политички научник Јоав Фромер за „Вашингтон пост“ во 2014 година.

Иако оружјето што го користи Хамас честопати не поседува современи системи за наведување, се проценува дека ниските трошоци и обемноста на нападите претставуваат своевидна предност против „Железната купола“.

Израелските одбранбени власти и компании, пак, истакнаа дека системот досега спречил илјадници напади од ракети и артилерија со стапка на успешност поголема од 90 отсто, додека одредени аналитичари изразија сомнеж за статистиката.