Западни разузнавачки извори тврдат за „Њујорк тајмс“ дека е идентификувана супертајна единица во составот на воено-разузнавачката руска служба ГРУ, со кодно име 29155. Изворот за „Њујорк тајмс“ тврди дека со споменатата единици и нејзините операции не се запознаени многу високопозиционирани службеници на ГРУ. Вистина, мит или дел од хибридно-разузнавачките војни што жестоко се водат со нови форми и методи, а за иста цел

„Њујорк тајмс“ открива „стелт разузнавачко-егзекуторска“ афера

Прво беше кампањата во Молдавија, по што следуваше труењето на трговец со оружје во Бугарија, а потоа и неуспешниот државен удар во Црна Гора. Минатата година имаше обид за убиство со воен отров на бивш руски шпион во Британија. И покрај тоа што овие операции укажуваа на руските разузнавачки служби, властите првично сметаа дека станува збор за изолирани и неповрзани напади. Но западните безбедносни служби сега дојдоа до заклучок дека овие операции, а најверојатно уште многу други, се дел од координираната кампања во Европа, зад која стои елитна единица од рускиот разузнавачки систем, усовршена за субверзија, саботажа и атентати, пишува „Њујорк тајмс“.

Групата, позната како Единица 29155, оперира најмалку една деценија, но западните функционери дури неодамна дознаа за неа. Разузнавачки функционери од четири западни земји истакнуваат дека не е јасно колку често единицата е мобилизирана и предупредуваат дека е невозможно да се дознае кога и каде ќе нападнат нејзините оперативци. Целта на единицата, за која до скоро не се знаеше ништо, укажува на степенот до кој рускиот претседател Владимир Путин активно се бори против Западот преку т.н. хибридна војна, мешавина на пропаганда, хакерски напади и дезинформирање, како и преку отворена воена конфронтација.

– Сметам дека сме заборавиле колку органски безмилосни може да бидат Русите – истакнува Питер Звак, поранешен воен разузнавач и бившо воено аташе во американската амбасада во Москва, кој додава дека не знаел за постоењето на единицата.

И покрај тоа што поголемиот дел операции на руската воена разузнавачка служба, позната како ГРУ, се обвиени со мистерија, западните разузнавачки агенции почнуваат да имаат појасна слика за нејзината архитектура. Неколку месеци пред претседателските избори во САД во 2016 година, американски функционери изјавија дека две сајбер-единици на ГРУ, познати како 26165 и 74455, извршиле хакерски напади на серверите на Демократскиот национален комитет и кампањата на Клинтон, и потоа објавија компромитирачка интерна комуникација. Хакерските тимови дејствувале претежно од Москва, илјадници километри оддалечени од Москва.

Спротивно на тоа, агентите од Единица 29155 патуваат во европските земји. Некои се одликувани ветерани од најкрвавите руски војни, вклучувајќи ги и оние во Авганистан, Чеченија и во Украина. Според „Њујорк тајмс“, нејзините операции се толку тајни, што и другите оперативци на ГРУ не се запознаени и со самото постоење на единицата.

Западните разузнавачки служби првпат ја идентификуваа единицата по неуспешниот државен удар во Црна Гора во 2016 година, во кој биле вклучени двајца агенти на единицата, а според планот, бил предвиден атентат на премиерот и освојување на парламентарната зграда. Но службите почнаа да ја разбираат агендата на единицата дури во март 2018 година, по труењето на Сергеј Скрипал, бившиот агент на ГРУ, кој ги предаде Русите за да шпионира за Британија, и неговата ќерка Јулија, кои тешко се разболеа откако беа изложени на многу јак воен отров. Според европски разузнавачки извори, токму една година пред инцидентот, тројца агенти од Единица 29155 отпатувале во Британија. Станува збор за Александар Мишкин, потоа агентот што го користел името Сергеј Павлов, а третиот агент, под псевдонимот Сергеј Федотов, управувал со операцијата. Набргу потоа е откриено дека Федотов и Павлов биле дел и од тимот што во 2015 година двапати се обиде да го отруе бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев.

Пензиониран функционер на ГРУ, запознаен со активностите на 29155, изјави за „Њујорк тајмс“ дека единицата е специјализирана во подготовка на диверзантски мисии, индивидуални и групни, како што се бомбашки напади, убиства и слично.

– Станува збор за сериозни индивидуи што служеа во службата. Тие се агенти што тајно работеа, но и како меѓународни агенти – истакнува бившиот агент на Гру.

Но европските безбедносни функционери исто така се зачудени од очигледната несмасност во операциите на единицата. Скрипал го прежива обидот за атентат, исто како и Гребев. Обидот за државен удар во Црна Гора привлече големо внимание, но на крајот беше неуспешен. Една година подоцна, Црна Гора стана членка на НАТО.

Сепак, европските функционери порачуваат дека допрва можеби ќе се откријат и други, поуспешни операции на Единица 29155, пишува „Њујорк тајмс“.