Џихадистичкиот прирачник на Исламската држава (ИД) првпат е претставен во јавноста, во детална анализа на текстот од 579 страници, пренесува британски „Гардијан“.

Текстот, напишан од идеологот на терористичката организација Абу Абдула ал-Мухаџир, се обидува да ги оправда варварските чинови на џихадистите, вкучувајќи ги трговијата со човечки органи, обезглавувањата на противниците, убиствата на цивилите и терористичките акции ширум светот.

Анти-екстремистичката група „Квилијам“ помина две години во истражување и транскрипција на документот, по што успеа да состави детална процена на прирачникот, односно да го негира извитопереното толкување на исламот од страна на џихадистите.

– Сметаме дека не постои доволна загриженост за овој опасен текст во западниот и во арапскиот свет. Се надеваме дека ќе го разоткриеме овој подмолен и штетен текст – се наведува во анализата. 

Прирачникот познат како „Крвава јуриспруденција (наука и филозофија на правото – н.з.)“ се обидува да го оправда користењето на оружје за масовно уништување, вршењето геноцид, убивањето на невооружените, како и држењето на робови.

Во прирачникот што „Квилијам“ го набави во 2015 година, има поглавје што нуди план за „Воено повлекување“, како и поглавје со насловот „Предавање наспроти борба до смрт“, кое им советува на џихадистите да изберат смрт наместо да му се предадат на непријателот. Меѓу 20-те поглавја се и „Обезглавување и сакатење“, „Киднапирање на неверниците“ и „Како да ги убиете шпионите“. 

Текстот во прирачникот е побиен во анализата на „Квилијам“, преку користење на Куранот, односно учењата на исламот кои пропагираат моралност, како и забрана на чиновите на војување.

– Читателот што нема претходни познавања на исламот може лесно да биде заведен од содржината на оваа книга, бидејќи е напишана на начин кој дава впечаток дека таа има верски значај. Текстот не ги отсликува комплексните учења на исламот – вели Шеик Салах ал-Ансари, авторот на анализата.