Четворката „штедливи“ земји, односно Австрија, Холандија, Шведска и Данска се залагаат корона-фондот да биде што помал, а сите пари од него да бидат позајмени како кредит, а не како неповратна помош

ЕУ во време на пандемија

„Остануваат големи мостови, кои мораме да ги изградиме“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, по неуспехот на земјите-членки на Европската Унија да постигнат консензус за фондот за економско заздравување од последиците од економијата. Во текот на минатонеделните разговори меѓу европските партнери се покажаа разликите за утврдување на економските показатели, по кој ќе се делат партите од заедничката европска каса. По Италија и Шпанија, кои беа најмногу погодени од корона-епидемијата, со барање за финансиска помош се јави и ирскиот премиер Лео Варадкар, кој на социјалните мрежи напишал дека и неговата земја е тешко погодена од кризата и дека има право на дел од фондот.

На другата страна се наоѓа четворката „штедливи“ земји, односно Австрија, Холандија, Шведска и Данска, кои се залагаат корона-фондот да биде што помал, а сите пари од него да бидат позајмени како кредит, а не како неповратна помош. Европската комисија предложи фондот да изнесува 750 милијарди евра, што не е прифатено од групата четири земји. Претходно Меркел и францускиот претседавач Емануел Макрон предложија 500 милијарди евра неповратна помош. ЕК е согласна парите да одат на одржливи проекти, кои не ги загрозуваат климатските промени. Посебен проблем за Германија, која од први јули е идниот претседавач со Унијата, е што паралелно се одвиваат тешките преговори за редовниот седумгодишен буџет на ЕУ, во кој треба да се пополни дупката што ја остави Велика Британија, по излегувањето од европското друштво, а која беше меѓу најголеми финансиери во бриселската каса, пишува „Дојче веле“.

Европската комисија минатата недела ги претстави новите предлози за зајакнување на локалните индустрии во борбата против компаниите, кои добиваат помош од странски влади. Според планот, ќе може да им се забрани на фирмите што не се од ЕУ да остварат добивки или ќе мора да им се одземе дел од капиталот, а Комисијата ќе има дозвола да воведува казни.
Европа, која сега се наоѓа среде сè поагресивната Кина и Америка, која се повлекува од светската сцена, сака да ја трансформира улогата на мирен набљудувач и да се избори за свое место во светскиот поредок. Најновиот потег на блокот се случи откако ЕУ воведе нов начин за да ги користи царините за да го осуети кинескиот инфраструктурен план „Појас и пат“, токму пред да се воведат новите закони за проверка на странските директни инвестиции врз основа на националната безбедност.

Внатрешниот пазар на ЕУ „може да биде отворен до одредена мера за злоупотреба каде што државни претпријатија можат да субвенционираат компании за да се натпреваруваат со европските на нефер начин“, како што посочи Фил Хоган, еврокомесарот за трговија. Во однос на Кина, тој додаде дека „сега има потреба за еднаков простор за игра“.
ЕУ со своите 27 членки беше ставена под притисок за подобро да ги заштити локалните индустрии и да ги врати синџирите на снабдување, откако светската пандемија ја предизвика најтешката рецесија во речиси еден век и доведе до силен пад на вредноста на акциите.
Планот за спас по пандемијата што го претставија германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон минатиот месец има цел внатрешно да ја зацврсти Европа, но исто така вклучува и мерки за подобро да се справи со надворешните закани.

Владите се особено вознемирени од можноста европските компании да бидат откупени од фирми со неограничени кредитни линии или да бидат принудени да затворат затоа што ривалите можат да продаваат под цената.
Нацрт-предлогот на комисијата до кој дојде „Блумберг“ наведува дека „сè поголем број инциденти во кои странски субвенции го олесниле стекнувањето со европски бизниси“, укажувајќи на алуминиумот, челикот, полуфабрикатите, изградбата на бродови и автомобилскиот сектор, кои се „изложени на странски субвенции, кои им нудат на нивните сопственици конкурентска предност“.

Извршното тело на ЕУ предложи мерки против фирмите, кои веќе се активни во Европа и користат субвенции за неправедна конкуренција со локалните ривали. Властите ќе започнат истраги во случаите што вклучуваат над 200.000 евра на странски државни средства во период од три години. Компаниите ќе бидат принудени да им „плаќаат надомест“ на европските држави, односно да ги вратат субвенциите во нивната матична држава или да продадат капацитети или капитал за да ги решат проблемите.


Кина развива „нуклеарна тријада“

Индија го зголеми својот број на боеви глави од проценетите 130-140 лани на 150 годинава, додека Кина ги зајакна нуклеарните резерви од проценетите 290 на 320 во истиот период, се вели во извештајот на СИПРИ. Извештајот беше објавен во понеделникот, во услови на постојани конфронтации меѓу Кина и Индија поради спорната граница.

Кина го модернизира својот нуклеарен арсенал и првпат развива таканаречена „нуклеарна тријада“ од нови копнени и поморски ракети заедно со авиони со нуклеарен капацитет. Од друга страна, Индија и Пакистан еднакво го зајакнаа во големина и разновидност своето нуклеарно оружје.

Во светски рамки, девет држави заедно поседуваа 13.400 боеви глави на почетокот од оваа година што е мал пад во однос на лани, според СИПРИ. Намалувањето, генерално, се должи на расформирање на старите нуклеарни оружја од страна на Русија и на САД, кои заедно поседуваат над 90 отсто од светските резерви.