И покрај турбуленциите и немирите што се случуваа во американскиот Конгрес, законодавниот дом сепак ги потврди изборниот резултат и победата на Џо Бајден за претседател на САД. Судирите што избија од страна на приврзаниците на досегашниот претседател Доналд Трамп со полицијата во Вашингтон, покрај тоа што ја вознемирија американската нација, истовремено ги потресоа другите земји од светот што ја доживуваа Америка како светилник на демократијата

Протести, насилства и загуба на човечки животи беа обележје на т.н. американска рутинска процедура на Конгресот, со која се верификува победата на Џо Бајден издвоена на последните претседателски избори во САД, одржани во ноември минатата година. Во своите информации на оваа тема, светските медиуми два дена по одржувањето на седницата на Конгресот во Вашингтон, на која требаше да се добројат гласовите од Изборниот колеџ од сојузните држави и да се потврди демократот Бајден за официјален победник на претседателските избори, сѐ уште не стивнуваат јавувајќи за нови повредени и уапсени од насилствата и демонстрациите во „светилникот“ на светската демократија, од кои се вознемири и глобалната јавност.

Америка пред работ на граѓанска војна?

Според „Ројтерс“, искрата од која тргнаа нередите, кои личеа на граѓанска војна пред да започне седницата на Конгресот, беше изјавата на Трамп, кој на насобраните приврзаници во близината на Белата куќа им порача дека „никогаш нема да се предаде и никогаш нема да ги признае резултатите“. Веднаш по неговиот говор демонстрантите се упатија на марш кон Капитол каде што по кратките пресметки со вашингтонската полиција тие успеаја насилно да влезат во просториите на зградата, барајќи од законодавците поништување на изборните резултати. Според телевизиските извештаи, кулминацијата на нередите била забележана откако демонстрантите се обиделе да ги срушат вратите на претставничкиот дом, па кон нив бил пуштен солзавец и биле испукани истрели од полицијата, по кои една жена била погодена и подоцна починала. Паралелно на ова, вашингтонската полиција соопшти дека уште три лица починале од „медицински итни случаи“ што се случиле за време на нередите и оти досега се уапсени над 250 лица за нивната улога во немирите. „Вашингтон пост“ информира исто така дека биле пронајдени две рачно изработени бомби во цевки, една надвор од Демократскиот национален комитет и другата од Националниот комитет на Републиканската партија.

Бајден повика на смирување на тензиите

Во меѓувреме, новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, во насока да ја смири состојбата во главниот град, изјави дека немирите што се случија во Вашингтон не ја претставуваат земјата и ги повика демонстрантите мирно да се разотидат.
– Во овој момент, нашата демократија е нападната, се случи напад врз тврдината на слободата – Капитол, напад врз претставници на народот и јавни службеници, полицајци, чија работа е да го штитат мирот. Го повикувам Трамп да излезе на национална телевизија и да ја исполни својата заклетва, да го брани Уставот и да побара прекин на оваа опсада – изјави Бајден, додавајќи дека следните четири години мора да бидат посветени на обновување на демократијата, владеењето на правото и пристојноста.

Трамп вети уредно предавање на власта

Од друга страна, веднаш по изјавата на Бајден за смирување на дел од протестите во Вашингтон, американскиот претседател во заминување, Трамп, на својот избран наследник на функцијата му вети уредно предавање на власта на денот на неговата инаугурација. Неговиот советник Ден Скавино ја објави изјавата на Твитер, во која Трамп пак ги повторува неоснованите тврдења за наводна изборна измама и го доведува во сомнеж исходот потврден и од Конгресот. Инаку, Трамп во ноември ги загуби изборите против својот предизвикувач од Демократската партија, Џо Бајден, но одби да го признае поразот. Трамп сѐ уште тврди дека со масивна изборна измама му е украдена победата. Во исто време ниту тој ниту, пак, неговите адвокати не приложија веродостојни докази за тврдењето. Редица жалби од таборот на Трамп се одбиени од судовите, вклучувајќи и од Врховниот суд на САД. Избирачките комисии од сојузните држави завчера ја потврдија јасната победа на Џо Бајден, кој освои 306 од 538 електорски гласа, додека Трамп доби само 232. Оваа бројка сега е потврдена и во Конгресот.


САД го „копираат“ македонското сценарио?

Во меѓувреме, она што се случува сега во САД и протестите за изборот на новиот претседател Џо Бајден и непризнавањето на изборните резултати од друга страна на Трамп, иако околностите се различни, сепак може да се каже дека личи на случувањата во Македонија, поточно на оние од 27 април 2017 година. Имено, тогаш пред македонското собрание слично како сега во Вашингтон пред Конгресот, демонстранти незадоволни од политичките случување и резултатите на изборите упаднаа во Собранието барајќи да се поништи, според нив, нелегитимниот избор на претседателот на Собранието, Талат Џафери. При упадот на топлата во македонското собрание беа повредени повеќе пратеници, новинари и службеници, а за учесниците во нередите подоцна беа изречени драконски казни за нарушување на безбедноста и работата на законодавниот дом. Останува интересно да видиме што ќе се случува во иднина во САД по завчерашните немири и насилното влегување на демонстрантите во американскиот Конгрес.


Буш: Вака се оспоруваат избори во „банана-држави“

Поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш издаде соопштение во кое го осудува упадот на приврзаниците на Доналд Трамп во зградата во Капитол во средата, нарекувајќи го мачен чин што го крши срцето, пренесоа американските медиуми. – Така се оспоруваат изборните резултати во „банана-држави“, а не во нашата демократска република – посочил тој. Според поранешниот американски претседател, нападот врз Капитол бил инициран од луѓе чии страсти биле разгорени од невистини и лажни надежи.