Постојат две лица на НАТО. Тука е добро подмачканата воена машина која планира, тренира и координира за да се прилагоди на новите безбедносни закани за Европа и за Северна Америка. А тука е и политичкото сојузништво кое зависи од единството и одлучноста на лидерите од двете страни на Атлантикот, пишува американското издание на магазинот „Политико“.

На „првото НАТО“, да го наречеме „НАТО 1“, му оди релативно добро. Буџетите за одбрана се зголемуваат по падот во изминатите 25 години, воената подготвеност постепено се подобрува, а воспоставувањето на мултинационални сили во Полска и во балтичките држави служи за одбивање на потенцијалната руска закана. Во тек се подготовките за справување со сајбер, хибридните и вселенските закани, како и овозможување на побрз напредок. 

Второто лице, односно „НАТО 2“ е во длабока неволја. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој го окарактеризира НАТО како „застарено“, вообичаено им префрла на европските влади поради недоволното трошење на одбрана, трговската размена, климатските промени и нивната неволност за враќање на џихадистите што беа заробени во Сирија. 

Внатрешниот круг од четирите сили, т.н. „Квад“, сочинет од САД, Велика Британија, Германија и од Франција, кој со години ги обиликуваше сите одлуки на Западот, престана да функционира во ерата на Трамп, според изворите на „Политико“.

Лидерите од сојузништвото дознаваат за одлуките на американскиот претседател преку Твитер. Има слаба координираност, што стана јасно кога Трамп нареди американските специјални сили да се повлечат од северна Сирија, каде што соработуваа заедно со француските и британските командоси против милитантите на Исламска држава, без да се консултира со сојузниците во НАТО.

„НАТО 1“ и „НАТО 2“ – добро подмачканата машина и дисфункционалното политичко семејство, ќе бидат теми на состанокот на лидерите во Лондон на 4 декември, на кој ќе биде одбележана 70-годишнината на Алијансата.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој ги негира тврдењата дека НАТО е во криза, сака состанокот во Лондон да го прикаже зголемувањето на воените буџети на членките и напредокот кон остварување на целта за подготвеност на Алијансата, која вклучува 30 воени бродови, 30 воздушни ескадрили и 30 армиски баталјони подготвени за 30 дена. Европските членки би можеле да се договорат и за преземање на дел од зголемените годишни трошоци на НАТО од 1,65 милијарди долари, за да го намалат уделот на САД.