Предупредувачки знаци биле видливи со недели, денови и часови пред приврзаниците на Трамп да влезат во Конгресот. Десничарските групи на социјалните мрежи повикувале на граѓанска војна, атентати врз политичари и напади врз полицијата, а екстремистите сега сè повеќе повикуваат на насилство пред инаугурацијата на Џо Бајден, пишува Си-ен-ен.

„Трамп или војна. Толку е едноставно“, „Ако не знаете како да пукате – мора да научите. Веднаш“, „Ќе упаднеме во владините згради, ќе убиваме полицајци, ќе убиваме чувари, вработени и агенти и ќе бараме пребројување на гласовите“ – ова се само неколку откриени објави кои повикуваат на насилство.

Приврзаниците на претседателот Трамп упаднаа во зградата на Конгресот во средата и ја прекинаа седницата за да спречат потврда на победата на поранешниот американски потпретседател Бајден на претседателските избори. Во немирите загинаа пет лица, вклучително и еден полицаец, а експертите предупредуваат дека повиците за насилство само се засилуваат пред инаугурацијата на Бајден, закажана за 20 јануари.

– Забележуваме преписки од поборниците за надмоќ на белата раса, десничарски екстремисти, сите се чувствуваат охрабрени во моментот – вели Џонатан Гринблат, извршен директор на Лигата против клевета (АДЛ).

– Очекуваме насилството да се влоши пред да стане подобро – предупреди Гринблат.

Во средата Трамп прво ги повика приврзаниците да тргнат на Капитол, а по упадот во Конгресот ги замоли да останат смирени и да си одат дома, но тој ги повтори обвинувањата за наводна кражба на претседателските избори. Републиканските лидери, вклучително и потпретседателот Мајк Пенс и лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, остро ги осудија немирите, но се чини дека тоа немаше влијание врз радикалната десница.

– Трамп ќе положи заклетва за втор мандат на 20 јануари – напишал на интеренет еден негов симпатизер, само ден откако толпата упадна во Капитол.

– Не смееме да им дозволиме на комунистите да победат. Дури и ако треба да го запалиме Вашингтон до темел – додадва тој во објавата.

Џон Скот-Рајлтон, истражувач во „Ситизен лаб“, група од Универзитетот во Торонто, која ја надгледува кибер-безбедноста, вели дека е страшно загрижен за денот на инаугурацијата.

– Иако пошироката јавност беше згрозена од она што се случи во Конгресот, во одредени преписки меѓу десничарите, она што се случи се смета за успех – изјавил тој за Си-ен-ен.

Тајната служба соопшти дека планот за инаугурацијата на Бајден е подготвуван веќе подолго време.

– На Соединетите држави е основен елемент на нашата демократија. Безбедноста на сите оние кои учествуваат во претседателската инаугурација е од најголема важност – порачаа од таму.

Сепак дел од американските медиуми предупредуваат дека во деновите и седмиците пред нападот на Конгресот, како и сега, имало многу знаци дека протестите може да се претворат во немири.

„Адвенс демокраси“, непартиско тело за надзор, тогаш предупреди на бројни објави на социјалните мрежи кои поттикнуваат насилство.

На пример, шест дена пред немирите, имало 1.480 објави на профили поврзани со теоријата на заговор. Во извештајот се наведува дека на „Парлер“, мрежа слична на „Твитер“, можеле да се прочитаат повеќе објави со изјави како „војната започнува денес“.