За време на протестите на активистите на еколошката група „Бунт против изумирање“, кои го блокирале железничкиот сообраќај во источниот дел на Лондон, лутите патници ги симнале активистите од покривот на возот.

Тоа се случило на станицата Кенинг Таун кога лутите патници симнале двајца активисти облечени во јакни и вратоврски и со транспарент на кој пишувало: „Работата, како и обично, еднаква на смртта“, според „Скај њуз“.

Активистите се качиле на врвот на возот со скала предизвикувајќи брза реакција на патниците, кои фрлале сендвичи и пијалаци кон нив.

Имало мала расправија кога еден од активистите што останале на перонот го удрил патникот кој сакал да се качи на скалата и да ги симне активистите од покривот, а тој реагирал така што му ја превртел раката и го спуштил на земјата.

Пред да бидат уапсени двајца активисти од покривот физички се судриле со патниците, а човекот што го снимал целиот инцидент добил ќотек од дел од лутите патници.

Лондонската полиција соопшти дека неколку лица се уапсени и ги осуди постапките на демонстрантите.