Мерките за физичко дистанцирање, воведени како одговор на пандемијата на ковид-19, принудија многу луѓе да работат од дома и на тој начин се забрза токму ваквиот тренд. „Евростат“ објави нови интересни податоци што го покажуваат уделот на вработени лица на возраст од 15 до 64 години на Стариот Континент, кои обично работеле од дома. Во текот на минатата деценија, ваквиот начин на работа се движеше околу пет отсто, а во пандемијата беше забележан скок до 12,3 отсто.

Со тоа што од дома работело околу една четвртина од вработеното население, Финска го држи првото место на листата на далечинско работење во Европската Унија (ЕУ). Веднаш зад неа се Луксембург и Ирска со удел од 20 отсто. Работењето од дома е помалку чест тренд во делови од Источна Европа, особено во Бугарија, со 1,2 отсто, и Романија, со 2,5 отсто. На инфографикот е состојбата на целиот континент и исто така се вклучени податоци за земјите од Европската економска област (ЕЕА), како Исланд, Швајцарија и Норвешка, а за Велика Британија нема достапни податоци.