Рускиот претседател Валдимир Путин денеска ќе се обрати во Долниот дом на парламентот, откако пратеничката Валентина Терешкова предложи уставна измена со која би му било овозможено да се кандидира на претседателските избори.

Актуелниот, втор последователен мандат на Путин, истекува во 2024 година, а Терешкова предложи Уставот да се измени, така што бројот на негови мандати ќе се врати на нула или, пак, да се избрише ограничениот број мандати.

Шефот на парламентарната група на владејачката Единствена Русија, Сергеј Неверов, рече дека неговите пратеници ќе го поддржат предлогот за отстранување на бројот на мандати, пренесува агенцијата ТАСС.

При предлагањето на измените во Думата, Терешкова рече дека доколку ситуацијата тоа го бара и ако народот така сака, актуелниот шеф на државата треба да има законска можност да се кандидира во согласност со изменетиот Устав.

Таа рече дека не станува збор за Путин, туку за рускиот народ и неговата иднина.

– Зошто премногу ги комплицирате работите и создавате непотребни пречки? Треба да испланираме сè отворено и искрено. Или можеби ограничувањето на мандатот за претседател треба да биде избришано од Уставот – рече Терешкова, која е пратеничка од Единствена Русија.