Прогласија воена состојба во десет региони, во оние каде што претседателот нема голема поддршка. Тоа значи дека украинската влада ја поделила земјата на два дела – дел на кој може да му се верува и дел на кој не може да му се верува, порача рускиот претседател

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не е против состанок со украинскиот колега Петро Порошенко, но дека со него е тешко да се комуницира.
– Што се однесува до контактите на највисоко ниво, не сум против нив. Вистина е дека немаше разговор, но тоа не значи дека го прекинуваме секој контакт. Меѓутоа тешко е да се комуницира, бидејќи е нејасно за што треба да зборуваме – истакна Путин, на прес-конференцијата на самитот на Г20.

Тој посочи дека договорите меѓу Москва и Киев не се испочитувани, нагласувајќи дека Русија ќе ги одржува односите со Украина во секој случај.
– Ги одржуваме работните контакти, секако. Се надевам дека тоа така и ќе остане – додаде Путин.

Шефот на руската држава наведе дека Киев ја користи војната во југоисточниот дел на Украина за да ги прикрие сопствените пропусти во внатрешната политика. Според него, Киев на е заинтересиран за решавање на ситуацијата во Донбаш, особено по мирен пат.

– Ги известивме странските лидери за тоа како се одвиваше ситуацијата кога бродовите на украинската морнарица ја повредија руската државна граница во Црно Море. Тешко е тоа да се противречи – истакна Путин.

Рускиот претседател се осврна и на воената состојба што Киев, по инцидентот, ја прогласи во десет украински области.

– Прогласија воена состојба во десет региони, во оние каде што претседателот нема голема поддршка. Тоа значи дека украинската влада ја поделила земјата на два дела – дел на кој може да му се верува и дел на кој не може да му се верува – порача Путин.

Забележувајќи дека Украина не прогласила воена состојба порано, кога случувањата во таа земја беа многу пострашни, Путин заклучи дека одлуката на Порошенко е поврзана со претстојните избори во земјата.