Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека забележал остра антируска реторика кај американскиот демократски кандидат за претседател Џо Бајден, но дека е охрабрен од неговите изјави за контрола на оружјето.

– Што се однесува до претседателскиот кандидат на Демократската партија, ние исто така сме сведоци на прилично остра антируска реторика. За жал, навикнати сме на тоа – изјави Путин на државната телевизија.

Од друга страна, посочува тој, Бајден дава охрабрувачки изјави за Новиот СТАРТ, последниот значаен договор за нуклеарно оружје меѓу Русија и Соединетите Држави, кој истекува во февруари.

– Бајден јавно рече дека е подготвен да го продолжи Новиот СТАРТ или за нов договор со кој би се ограничило стратешкото оружје, а тоа е многу сериозен елемент од нашата соработка во иднина – рече Путин.

Москва и Вашингтон досега не успеаја да постигнат согласност за нов договор или да го продолжат постојниот, иако претставникот на претседателот Доналд Трамп за контрола на оружјето во вторникот изјави дека е постигнат важен напредок во билатералните разговори.

Во интервју објавено по повод неговиот 68. роденден, Путин се осврна и на ситуацијата во Киргистан и конфликтот околу Нагорно-Карабах.

Тој изрази надеж за мирно решавање на политичката криза во Киргистан, откако во вторникот беа поништени резултатите од парламентарните избори, а премиерот и претседателот на парламентот поднесоа оставки.

– Се надеваме дека сè ќе се реши по мирен пат. Се надеваме дека ќе се воспостави нормален демократски политички процес што е можно поскоро – изјави Путин.

Тој исто така ги повика Ерменците и Азербејџанците да престанат со трагедијата во Нагорно-Карабах, што е негова прва изјава за овој конфликт.

– Тоа е огромна трагедија. Луѓето умираат, има големи загуби од обете страни. Се надеваме дека овој конфликт ќе престане што е можно побрзо – рече рускиот претседател.