Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва сака да го обнови сеопфатниот дијалог со САД за важниот договор за нуклеарни ракети со среден дострел од времето на Студената војна.

– Важно е да се одржува дијалогот, не на високо или највисоко ниво, туку на ниво на експерти. Се надевам дека преговарачкиот процес ќе продолжи – рече Путин во интервју за телевизијата РТ во Париз, истакнувајќи дека Русија е подготвена за тој дијалог.

– Не се повлекуваме ние од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел. САД планираат да го направат тоа, истакна рускиот претседател.

Во истото интервју тој рече дека во Париз, каде што престојува заедно со околу 70 шефови на држави и влади по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, нема време да разговара со американскиот колега Доналд Трамп, но изрази надеж дека ќе се сретне со него на маргините на самитот на Г20 во Аргентина.

Трамп минатиот месец најави дека Вашингтон ќе се повлече од Договорот, затоа што, според него, Русија го прекршува.