Рускиот претседател Владимир Путин во денешниот телефонски разговор со јужнокорејскиот колега Мун Џае-ин истакна дека Русија е подготвена да помогне во соработката меѓу Северна и Јужна Кореја, пред се за трилатералната инфраструктура и енергетските проекти на Корејскиот Полуостров.

– Потврдена е подготвеноста на Русија и понатаму да помага во воспоставувањето на соработка меѓу Северна и Јужна Кореја – се наведува во соопштението на Кремљ.

Мун го запознал Путин со деталите од разговорот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, што го имаше во петокот во Панмунџом. На средбата беше договорено Сеул и Пјонгјанг да работат на „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“.

– Посебно внимание за време на телефонскиот разговор беше посветено на намерата да се обезбеди ненуклеарен стаус на Корејскиот Полуостров, ветен во Декларацијата од Панмунџом, преку целосна денуклеаризација – се истакнува во соопштението на Кремљ.

Исто така, Путин и Мун наведоа дека ќе ги координираат мерките за развој на меѓукорејската соработка, која треба да придонесе за напредување на регионот кон мир и стабилност.

Во соопштението се посочува дека телефонскиот разговор бил на иницијатива на Сеул.