Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека е неизбежна глобална трка во вооружување ако САД и Русија не се согласат за продолжување на договорот за редуцирање на стратегиското оружје (нов СТАРТ), кој истекува на почетокот на 2021 година. Одговарајќи на годишната сесија со новинарски прашања, Путин порача дека Русија е подготвена да го обнови постојниот договор, дури и тоа да се случи до крајот на годинава.

– Но засега нема одговор на нашите предлози – додаде шефот на руската држава.
Потпишан од САД и Русија во 2010 година, договорот ги ограничува развојот и распоредување на нуклеарно оружје, како и системите за негово користење.

Путин исто така се осврна и на проблемот со глобалното затоплување.

– Русија се затоплува повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек. Глобалното затоплување може да ги загрози руските градови на Арктикот – предупреди Путин, додавајќи дека Русија се придржува до Париската спогодба за забавување на глобалното затоплување.

На годинашната прес-конференција на Путин се акредитираа рекорден број новинари – дури 1.895 претставници на медиумите. Станува збор за 15-та таква прес-конференција на рускиот претседател.