Рускиот претседател, Владимир Путин, постави цел владата да обезбеди зголемување на бројот на населението во земјата до крајот на 2024 година, објави Кремљ.

– Владата доби задача да ги постигне националните развојни цели преку зголемување на бројот на населението до 2024 година, како и да се осигура дека просечниот животен век на граѓаните е 75 години до крајот на 2025 година – се наведува во документот, а пренесе ТАСС.

На состанокот на Советот за стратешки развој и национални проекти, Путин нагласил дека од 2012 до 2018 година, населението во Русија се зголемило за 3,8 милиони луѓе, но потоа, поради демографските јазови и други околности, државата се соочила со неповолна слика по прашањата на наталитетот и заминувањето на населението.

Рускиот претседател потоа побарал од владата да го разгледа овој факт подетално, нагласувајќи дека целите треба да бидат реални и амбициозни во исто време.